Луксузен Galaxy Z Fold 4 за над 10.000 долари

93

Samsung на почетокот на месецот ги почести своите фанови со новата генерација на мобилни телефони на преклопување, меѓу кои гордо се истакна Galaxy Z Fold 4 со почетна цена од 1.800 евра. Многумина тврдат дека е навистина „солена“ цена, но има и такви на кои им е „ситниш“.

Сепак, тука стапува Caviar, руска компанија која врши луксузна конверзија на различни уреди. Нивната најнова колекција „Heralds of the Galaxy“ вклучува дури четири нови верзии на Galaxy Z Fold 4, чии цени се движат од 9.610 до 11.460 долари.

Станува збор за мобилни телефони кои доаѓаат со делови од метеорит, златни детали и телешка кожа. Со други зборови, чист луксуз и хедонизам. Ѕвездата на колекцијата е дефинитивно „Golden Meteor“ верзијата на „Fold“, која содржи честички од метеорит од три различни карпи – Muonionalusta, Seimchan и Diablo Canyon.

Секој фрагмент е целосно уникатен, што значи дека секој мобилен телефон ќе има различен дизајн. За уште поголема ексклузивност, компанијата вети дека ќе направи само 29 верзии на „Golden Meteor“, секоја со логото на Caviar во 24-каратно злато и дополнителни златни елементи Double Gold со галванизирана легура за накит. Почетната верзија од 256 GB ќе чини 11.030 долари, додека најмоќната варијанта од 512 GB ќе биде 11.460 долари.

Верзијата Canyon Diablo ќе доаѓа со исти метеоритски облоги, но нема да има златни детали. Ова, се разбира, ќе се одрази на цената – „само“ 10.680 долари за верзијата со 256 GB.

Понатаму, малку поевтини, но никако помалку интересни се верзиите Solar Eclipse и Black Rain на новиот Fold, кои можат да се пофалат со текстурирани делови од телешка кожа без метеорити и злато. Тие ќе бидат достапни по почетна цена од 9.610 долари.

Повеќе информации и фотографии од колекцијата „Galaxy of the Heralds“ може да најдете на официјалната веб-страница на Caviar.