Во салонот на Порше Македонија деновиве пристигна луксузната лимузина – Bentley Mulsanne. Станува збор за најновата изведба на овој модел од Grand Tourer класата, најверојатно и единствената лимузина од овој тип на Балканот. Автомобилот има 6,75 l, V8 мотор, со моќност од 505 коњски сили, кој за разлика од другите модели е полесен и модифициран со цел да ја зголеми економичноста.
По своите беспрекорни перфоманси Bentley Mulsanne може да се спореди со моќноста на авионите, додека со незаменливиот луксуз и удобност со најлуксузните јахти. Она што го разликува од другите луксузни возила е персонализацијата, односно можноста идниот сопственик да учествува во неговото креирање. Имено, купувачите имаат избор од 114 бои на каросерија, 21 боја за внатрешноста, девет варијанти на дрво и 24 видови на кожа.
Луксузниот автомобил е долг 5,575 метри, широк 2,2 метри и висок 1,5 метар. Тежок е 2.600 килограми.
Многубројните нови функции за удобност – вклучувајќи ги специјално дизајнирани потпирачи за глава и нозе во продолжение на седиштата, како и удобните перници на задната клупа ја потврдуваат репутацијата на Mulsanne како вистински автомобил по мерка на корисниците во Grand Tourer класата.
Новите измени вклучуваат завеси за приватност во задниот дел од возилото што овозможува уште подобар одмор или подобри услови за работа на патниците во текот на патувањето. Новости во кабината се и делот за чување на предмети и потпирачите за раце на задните врати. Овој покриен дел, на секоја задната врата, е погоден за оставање на мобилни телефони, лични предмети или Bluetooth слушалки.
Новиот Infotainment систем е опремен со најнова технологија со што кабината на Mulsanne станува вистински Wi-Fi Hotspot. Конекцијата се состои од Wi-Fi рутер, универзален мобилен телекомуникациски систем (UMTS), телефонски модул и SIM читач на картичка обезбедувајќи безжичен постојан интернет пристап до кој може да се пристапи од осум Wi-Fi уреди истовремено. Вградени се осум инчни LCD екрани, 20 GB хард диск и DVD плеер, кои се поврзани преку Naim for Bentley врвниот аудио систем, додека две групи на bluetooth слушалки и далечински управувач се во рацете на патниците.