
Вредноста на француската модна компанија Керинг, сопственик на луксузни брендови како Гучи, Ив Сен Лоран или Баленсијага, падна вчера на најниско ниво во последните седум години, бидејќи Гучи беше тешко погоден од послабата продажба во Кина.
Вчера акциите на Керинг паднаа за цели 4,3 отсто, што е најбрзо темпо во речиси седум недели, а банкарските аналитичари на Barclays дополнително ги намалија изгледите на компанијата, пренесува Bloomberg.
Потрошувачите во Кина станаа уште попребирливи во тековното економско опкружување и ги бараат само најексклузивните и најпосакуваните брендирани производи, според аналитичарите на Barclays.
Групацијата Керинг на крајот на јули објави дека нејзината оперативна добивка во првите шест месеци од 2024 година паднала за 42 отсто на годишно ниво на 1,6 милијарди евра.
Според извештаите, приходите на групата на чело со Франсоа Анри Пино паднале за 11 отсто на годишно ниво на девет милијарди евра во првата половина од годината, објави Фигаро.
Групацијата предупреди дека очекува континуирани тешкотии во втората половина на 2024 година, бидејќи верува дека нејзината оперативна добивка во втората половина на 2024 година ќе падне за приближно 30 отсто на годишно ниво.











