Мадридски систем за меѓународна регистрација на трговски марки

482

Заштитата на трговските марки го следи принципот на територијалност. На пример, носител на трговска марка во Република Македонија не ужива заштита на неговата трговска марка во Србија, освен ако овој носител ја има регистрирано трговската марка во Србија преку поднесување на пријава за заштита на трговската марка во оваа земја (таканаречен Париски пат) или пак поднесена е пријава за меѓународна регистрација на трговска марка (меѓународна пријава), во која Србија е назначена земја. Овој текст дава кратка анализа на системот на меѓународна регистрација на трговски марки, таканаречениот Мадридски систем, преку опишување на неговите карактеристики, развој и користењето на системот од физички и правни лица со државјанство, односно седиште во Република Македонија.

Што е Мадридски систем?

Мадридскиот систем е заснован на два столба: Мадридскиот договор за меѓународна регистрација на трговски марки од 1891 год. и Мадридскиот протокол, што стапи на сила на 1 април 1996 год., на ист ден како и Заедничките регулативи кон двата договора. Системот е администриран од Меѓународното биро на Светската организација за интелектуална сопственост (СОИС) [Меѓународно биро] кој одржува Меѓународен регистар на трговски марки (Меѓународен регистар) и објавува Службен весник за меѓународни марки на СОИС (Службен весник).

До 15 април 2014 год. овој систем има 92 договорни страни, од кои 91 држави на Договорот и/или Протоколот и една меѓународна организација Европската Унија, кои ја  формираат Мадридската Унија.

Мадридскиот систем им овозможува на подносителите да поднесат до Меѓународното биро една меѓународна пријава во која ќе назначат повеќе договорни страни (првични назначувања) каде би сакале да ја прошират заштитата на нивните трговски марки. Подоцна, носителот на активна меѓународна регистрација може да ја прошири заштитата на трговската марка на нови маркети преку назначување на други членки на Мадридскиот систем (дополнително назначување).

Во зависност од земјата или регионот каде се наоѓа заводот на договорната страна од каде се бара меѓународна заштита, меѓународната пријава може да биде третирана во согласност со Договорот, со Протоколот или со двата инструменти.

Меѓународна регистрација и постапка на регистрација

Меѓународната регистрација не му дава на носителот меѓународно заштитена трговка марка, туку Меѓународното биро ја регистрира трговската марка и потоа поединечно ги известува секоја од назначените договорни страни, коишто самостојно одлучуваат дали и во која мера ќе пружаат заштита на трговската марка во нивната јурисдикција.

Меѓународна пријава може да биде поднесена од физичко или правно лице што ја има потребната поврзаност со договорна страна на Мадридската Унија, преку седиште, престојувалиште или државјанство. За да се поднесе меѓународна пријава марката мора прво да биде поднесена или регистрирана во заводот на договорната страна и да биде поднесена до Меѓународното биро преку истиот завод. Трговската марка во пријавата може да биде преставена во црно/бело или во боја. Во 2013 год. најголем дел од трговските марки – 83% – биле доставени до Меѓународното биро во црно/бела боја наспроти оние во боја.

Меѓународното биро прифаќа меѓународни пријави пополнети на три јазици: англиски, француски или шпански. Меѓу другите елементи, меѓународната пријава мора да содржи репродукција на трговката марка (идентична на таа во оригиналната пријава или регистрација во заводот на земјата на потекло) и листа на производи и услуги за кои се бара заштита, содржани во една од 45-те класи од Ничанската класификација на производите и услугите за регистрирање на трговските марки (Ничанска класификација). Во пријавата исто така мора да бидат посочени назначените страни каде носителот на трговка марка бара заштита иако, како што наведовме, и подоцна може да се назначат други договорни страни. Потоа Меѓународното биро ги известува назначените договорни страни и трговската марка се заведува во Меѓународниот регистар и се објавува во Службен весник.

Меѓународната пријава е предмет на основна такса, дополнителна такса во однос на секоја назначена држава, и комплементарна такса за секоја класа од Ничанската класификација, повеќе од три, за која се бара примена на производите и услугите за трговската марка. Основната такса е различна за трговски марки во црно/бела боја наспроти оние во боја, за што се плаќа повисока такса. Просечната такса платена по регистрација е различна. Во 2013 год., таксите се движеле од 190 швајцарски франци до скоро 140.000 швајцарски франци. Околу една третина од пријавувачите платиле помалку од 1.000 швајцарски франци по регистрација, а околу една третина платиле помеѓу 1.000 и 2.000 швајцарски франци.

Меѓународното биро е одговорно да изврши проверка дали меѓународната пријава ги исполнува сите формални барања. Во случај на неисполување на овие барања, подносителите се обврзани да ги изменат нивните пријави во рок од 3 месеци од денот на примањето на информацијата од бирото, во спротивно се смета дека пријавата е отфрлена. Веќе неколку години наназад, кај една третина од пријавите забележани се нерегуларности.

Меѓународното биро не врши суштествено испитување на меѓународната пријава, туку заводот на секоја назначена договорна земја или организација ја испитува пријавата во согласност со нејзиното национално или регионално право пред да одлучи дали да додели заштита на трговската марка. Ако меѓународната пријава не ги исполнува критериумите на назначената договорна страна, оваа земја или организација мора да испрати привремена изјава за одбивање до Меѓународното биро во период определен со Договорот или Протоколот (12 или 18 месеци). Ако не е испратена одлука за одбивање од назначената договорна страна, или пак ако во определениот временски период пријавата е одобрена, се смета дека трговската марка е заштитена во рамки на територијата на договорната страна.

Во 2013 год., биле издадени повеќе од 200.000 изјави за доделување на заштита, наспроти 84.757 изјави за одбивање што е најголема бројка на одбивање од кога постои системот. Јапонија и Руската Федерација издаваат најголем број на одлуки за одбивање, секоја од нив помеѓу 8% до 10% од вкупниот број на одбивања во 2013 год.

За првите пет години од денот на регистрација, меѓународната регистрација зависи од марката што е пријавена или регистрирана во заводот на потекло (основна марка). Ако во текот на овој петгодишен период од било кои причини основната марка е поништена (целосно или делумно) и меѓународната регистрација се поништиува во иста мера. Поради тоа заводот на потекло мора да го информира Меѓународното биро за секоја промена во однос на обемот на заштита на основната марка. Ако престанува меѓународната заштита, тоа се објавува во Службен весник и се информират засегнатите назначени договорни страни.

Меѓународната регистрација е валидна за период од 10 години и може да биде продолжена за период од 10 години од датата на истекување на претходниот период. Во поголем број на јурисдикции, заштитата на трговски марки може неограничено да се обновува. Кога ги обновуваат нивните меѓународни регистрации, носителите решаваат дали да го одржат, зголемат или намалат географскиот опфат на нивните марки преку одржување или изменување на бројот на назначени договорни страни. Меѓународната регистрација може да се продолжуваа во однос на сите назначени земји членки или во однос на некои од нив. Сепак, сега за сега не може да се продолжува регистрацијата само во однос на некои производи и услуги внесени во Меѓународниот регистар. Поради тоа ако носителите сакаат истовремено да обноват и да отстранат некои од производите и услугите од меѓународната регистрација, тие мораат да испратат посебно барање за откажување на заштитата за односните производи и услуги. Сепак, постои правен развиток во оваа насока.

Работната група за правен развој на Мадридскиот систем на својата 11 сесија ги одобри амандманите на Заедничките регулативи кон Мадридскиот договор и Мадридскиот протокол што ќе бидат ставени на разгледување на Собранието на Мадридската Унија во септември 2014 год. Се смета дека амандманите се особено полезни за корисниците на системот бидејќи, меѓу другото, им овозможуваат да ја обноват регистрацијата на трговски марки за намален број на производи и услуги, што сепак е условено од конечна одлука на назначената договорна страна. Работната група исто така разговараше по прашањето за замрзнување на примената на членовите од Мадридскиот договор со цел да се исклучи можноста да се пристапи само кон овој инструмент. Оваа дискусија продолжува на следниот состанок на работната група во 2015 год.

frank

Фото: Pixabay

Предности на Мадридскиот систем

Мадридскиот систем нуди многу предности за подносителите во споредба со таканаречениот Париски пат, што подразбира поднесување на посебни пријави во различен број на земји. Системот овозможува стекнување на заштита во повеќе територии со поднесување на една пријава, на еден јазик и плаќање на една сума на такси во една валута – швајцарски франк. Исто така, Мадридскиот систем го прави одржувањето и управувањето на регистрацијата поедноставно, бидејќи било кое обновување или промена се регистрира во Меѓународен регситар.

Исто така, за носителите на трговските марки и договорните страни на Мадридскиот систем важи само една дата кога регистрацијата започнува, престанува или се обновува. Потоа, носителите на трговските марки имаат право да прават различни промени во нивната меѓународна регистрација. На пример, регистрациите може да бидат пренесувани само во однос на некои назначени земји, или само во однос на некои производи и услуги, или може да се ограничи листата на производи и услуги само во однос на некои назначени договорни страни.

State of the art

Секоја година СОИС прави годишен осврт на користењето на Мадридскиот систем, преку објавување на публикацијата Madrid Yearly Review која дава детални информации за современите текови во оваа област на меѓународно ниво.

Во 2013 год. преку Мадридскиот систем се поднесени 46.829 пријави, при што од две земји потекнуваат најголем дел од пријавите – Германија (6.822) и САД (6.043). Веќе трета последователна година Novarits од Швајцарија со 228 меѓународни пријави е најголемиот корисник на Мадридскиот систем, што е двојно повеќе од вториот најголем корисник Zentiva Group, чешка компанија која исто така произведува фармацевтски производи.

Најчестите пријавувачи се активни во различни области, од производство на фармацевтски производи, козметика и индустријата на храна, па се до електроника, автомобилска индустрија, малопродажба и др. Во 2013 год. Кина е најчесто назначена договорна страна во нови и постоечки регистрациии, по која следат Европската Унија и Русија.

Повеќе од една декада најчесто специфицираната класа спред Ничанската класификација е Класа 9 (што вклучува комјутерски хардвер и софтвер), по која е Класа 35 (што се однесува на огласување и управување со работи), Класа 42 (што покрива услуги што се даваат од научници, индустриски или технолошки експерти и инжињери) и Класа 25 (што покрива облека, обувки и капи).

Во 2013 год. 584.012 меѓународни регистрации се во сила што содржат околу 5.61 милиони активни назначувања и се во сопственост на околу 192.000 носители на права. Заедно носителите од Германија (21%), Франција (14%), Швајцарија (9%) и Италија (8%) поседуваат повеќе од половина од активните регистрации во 2013 год.

Од 08 септември 1991 год. Република Македонија е договорна страна на Мадридскиот договор, а од 30 август 2002 год. на Мадридскиот протокол. Постапката за меѓународна регистрација на трговска марка се поведува со поднесување на пријава за меѓународна регистрација до Државниот завод за индустриска сопственост на Република Македонија согласно Мадридскиот договор, односно Мадридскиот протокол. Заводот, откако ќе испита дали пријавата е уредна и е поднесена во согласност со одредбите на Правилникот за трговски марки, ја доставува пријавата до Меѓународното биро.

Споредено со другите земји од регионот се забележува дека во Република Македонија помалку се користи Мадридскиот систем. Во 2013 год. од Република Македонија направени се 22 регистрации на трговски марки, со што се опфатени 234 назначувања на договорни страни и 18 последователни назначувања, додека пак Република Македонија е назначена како договорна страна во 2.683 меѓународни пријави и 527 последователни пријави. Од друга страна, од Бугарија регистрирани се 225 трговски марки, со вкупно 2.694 назначувања на договорни страни и 225 дополнителни назначувања, проследено со Србија со 144 меѓународни регистрации, со вкупно 1.026 назначувања на договорни страни и 165 дополнителни назначувања и Хрватска со 119 меѓународни регистрации, со 591 назначувања на договорни страни и 136 дополнителни назначувања.

Текстот го завршуваме со надеж дека нашите претприемачи повеќе ќе ги користат придобивките од Мадридскиот систем за регистрација на трговски марки како придружна алатка на ширење и промовирање на нивниот бизнис на нови маркети.

Автор: Ана Дангова Хуг – INTER PARTES Skopje