Мајстори во соседството заработуваат и до 2.000 евра

107

Недостигот на квалитетни мајстори во Србија предизвика зголемување на нивните плати, што достигнуваат и до 2.000 евра. Недостатокот на занаетчии ќе влијае и врз повисоките трошоци за одржување, а дел од тоа мора да падне врз грбот на граѓаните. “Се бара водоинсталатер за итни интервенции, плата од 1.000 до 2.000 евра“, вели еден оглас, којшто е еден од многуте преку коишто се бараат искусни и квалитетни мајстори на кои им се нуди добра заработка, пренесуваат српските медиуми.

Заминувањето на квалитетни мајстори во странство во потрага по подобра заработка и услови за живот предизвика дефицит на таков кадар, а на работодавачите им е сè потешко да најдат квалификувана работна сила, па затоа и нудат високи плати.

Мајсторите најчесто работат осум до девет часа дневно, а ако работат прекувремено, тогаш се прават договори за дополнителен надоместок.

“Ниту еден вистински мајстор не сака да работи за џабе. Оние кои останаа во Србија сакаат да бидат платени како во земјите од централна Европа, како што се во Чешка, Словачка или Словенија. Школувавме кадар, но не водевме сметка за нив. Работниците заминаа во странство за подобра плата и услови за работа, а сега ја плаќаме цената“, вели Горан Родиќ од Градежната комора на Србија за Новости.

Поради недостиг на мајстори, многу домаќинства во Србија се принудени со месеци да чекаат термин за да им се заврши некоја поправка во домот, а слична е ситуацијата и во Германија. Според тамошните медиуми, занаетчиските фирми во Германија се соочуваат со голем недостиг од работници, а најбарани се електричари и водоинсталатери. Се наведува дека има домаќинства кои мораат долго време да чекаат слободен мајстор, па многу од работите решаваат да ги завршат сами.

Фото: Pexels