Македонците и Албанците со најмали плати

29

Најмали плати во земјите од регионот земаат Македонците, Албанците и Србите, додека највисоки просечни плати имаат граѓаните на Хрватска, земја која годинава влезе во Европската унија, вели спроведеното истражувањето на агенцијата Анадолија.

Според податоците на Државниот завод за статистика на Хрватска, просечната нето плата во Хрватска во август изнесувала околу 723 евра, што е убедливо највисока од останатите земји во регионот, а од некои земји е и двојно повисока.

По Хрватите највисока плата од земјите на поранешна Југославија имаат Црногорците, каде според Заводот за статистика, просечната нето плата во септември била 475 евра. Потоа следат граѓаните на Босна и Херцеговина, каде просечна месечна нето плата по вработен во август изнесувала 423 евра.

Просечната плата во Словенија во јули годинава била 990 евра, во Турција 720 евра, Словачка 700 евра, Романија 480 евра, како и во Унгарија, Бугарија е со просечна плата од 390 евра.

Најниски се платите во Македонија, каде според последните податоци на Заводот за статистика во септември платата изнесувала 342 евра.

Пред неа е Албанија, со просечна плата во септември според Заводот за статистика, од 380 евра, а потоа Србија, каде платите се малку повисоки, па според Републичкиот завод за статистика просечната плата во септември била 392 евра.

Во Европа, најмали плати имаат граѓаните во Молдавија, каде просечната плата е 197 евра, а по неа следуваат Грузија со 217 евра, Ерменија со 218 евра и Украина со 290 евра.

Според овие податоци, само Хрватите и Црногорците имаат поголеми плати од просекот на регионот.

Од останатите земји во светот, највисока плата имаат жителите на Швајцарија каде просечната плата е 4.472 евра, следува Норвешка со 3.065 евра, Луксембург со 3.000, Австралија со 2.932 евра, Катар со 2.790, Данска со 2.413, САД 2.322, Шведска 2.275, јапонија 2.237 и Финска со 2.100 евра.

Меѓу првите 20 земји со највисоки просечни плати, има 12 европски земји, што значи жителите на Европа, во просек заработуваат повеќе од земјите од остатокот од светот.