Македонија 2025 донираше лаптопи на 32 деца

30

Македонија 2025 донираше 32 лаптопа за ученици кои немаат компјутер за следење на онлајн настава во училиштата низ Македонија. Средствата за купување на опремата во износ од 12.000 канадски долари беа собрани преку интернет кампањата за донации со назив: No child left offline, од индивидуални донатори со македонско потекло од повеќе земји.

Во координација со Министерството за образование и наука на РСМ, овие 32 лаптопи се доделија на четири општини во нашата земја. Првите лаптопи веќе се доделени на општините Пехчево и Делчево. Лаптопите ќе бидат доставени до ученици кои имаат најголема потреба, од шест основни училишта во рамките на општините. Кон акцијата на Македонија2025 се приклучи и Македонски Телеком, со донација на 10 GB мобилен интернет месечно, за да можат учениците да ја следат онлајн наставата до крајот на учебната година.

“Иницијативата за спроведување на оваа кампања од една страна беше поттикната од сознанието дека над 8.000 деца во Македонија немаа опрема или пристап до Интернет за да можат да ја следат наставата и активно да се вклучат во образовните програми на Министерството за образование и наука. Од друга страна, водејќи се од фактот дека образованието е една од најзначајните инвестиции за подобра иднина и основа за раст и развој на заедницата, сакавме да овозможиме еднаков пристап и еднакви шанси за успех за секое дете“, велат оттаму.

Им се заблагодаруваат на сите Македонци и останати донатори ширум светот и од земјава, како и на Македонски Телеком, кои се придружија на нивните напори за подобрување на можностите за граѓаните и предизвикувајќи на тој начин позитивни промени во општеството.

“На овој начин им помогнавме на децата во Македонија да останат поврзани и да можат да продолжат да учат! Им посакуваме на младите многу успеси“, порачуваат од Македонија2025.