Македонија 2025 заедно со МАНУ, бизнис заедницата и институциите ќе работи на забрзана дигитализација преку Дигитална иницијатива

23

Забрзување на процесот на дигитализација и унапредување на дигиталните вештини на македонските граѓани и бизниси е главна цел на Дигиталната иницијатива што ја иницира организацијата Македонија 2025. Дигиталната иницијатива ќе се реализира преку широко партнерство со деловната и политичката заедница, како и научната фела, застапена преку Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

На денешната средба на која присуствуваа претставници на Македонија 2025, претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев и министерот за информативна технологија, Јетон Шакири констатирано е дека Македонија заостанува зад ЕУ и светот во дигитализацијата и тоа во сите три сегменти: граѓани, бизниси и државни институции, заради што е неопходно забрзување на процесот на дигитализација преку креирање на соодветни услови во јавната администрација, приватниот сектор и кај граѓаните.

“Несомнено, иднината е во дигитализацијата и дигиталните вештини. МАНУ ќе ги вложи своите ресурси за Дигиталната иницијатива да го трасира вистiнскиот пат за просперитетна Македонија“, изјави Претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев.

На состанокот беше презентиран и планот за работа и клучните активности што ќе се спроведат во подготовка на Дигиталната иницијатива на МК 2025. Планот го презентираше Васко Кроневски извршен директор на Некстсенс и член на Одборот на директори на Македонија 2025.

Дигиталната иницијатива покрај другото има за цел создавање на ефикасна и брза администрација која ќе биде основа за економски развој и поголема функционалност во сите сфери во општеството.

Министерот за информатичка технологија и јавна администрација Шаќири ги истакна плановите на Владата во доменот на дигитализација, при што истакна: Дигиталната иницијатива на Македонија2025 е добредојдена и во право време, за да се здружиме со приватниот и граѓанскиот сектор и да ја реализираме дигиталната трансформација час поскоро.

Македонија 2025 преку своите активности се залага за развој преку поттикнување на соработка и поврзување на македонската дијаспора со академската, политичката и бизнис заедницата.

“Во услови на глобална економија, за мали земји како нашата од исклучителна важност е развој на дигитализацијата и на дигиталните вештини. Тоа ќе ја зголеми нашата конкурентност, а истовремено ќе го подигне квалитетот на услуги од земјава. Оттука наша цел е преку оваа иницијатива да ги поврземе сите важни чинители бидејќи само преку заедничко залагање може да имаме ефективни резултати“, истакна Никица Мојсовска Блажевски, извршна директорка на Македонија 2025.

Дигиталната иницијатива е дел од мисијата на Македонија 2025. По денешниот иницијативен состанок, според планот кои денес беше презентиран, ќе следуваат низа активности во следниот период, со што ќе се забрза процесот на дигитализација во земјава.