Македонската страна во разумен рок да го реши прашањето со условениот увоз на пченица и брашно, прифатија Македонија и Србија на вонредната седница на ЦЕФТА што вчера се одржа во Белград.
Рокот не е прецизиран, но се очекува дека ќе биде помеѓу еден и два месеци. По состанокот, српскиот помошник министер за трговија Бојана Тодоровиќ потенцираше дека Србија, во случај Македонија да не го испочитува постигнатиот договор и не ја укине спорната мерка, ќе искористи одредени погодности од ЦЕФТА договорот со кои би вовела контра мерки за да се компензира загубата претрпена со воведувањето на ограничување на увозот.
Вонредниот состанок на ЦЕФТА се организираше на барање на српската Влада, која смета дека Македонија презела нелегални мерки за ограничување на увозот на пченица и брашно со што им се предизвикуваат загуби на српските земјоделци. Македонската страна се бранеше дека со огромниот увоз од Србија се нарушува домашниот пазар.
Претходно министерот за земјоделство Љупчо Димовски информираше дека во изминатите 18 месеци во Македонија се увезени околу 150.000 тони пченица и над 70.000 тони брашно, што е премногу за македонскиот пазар.
Мерката што ја воведе македонската страна предвидува обврска за еден килограм увезена пченица да се откупат три килограми домашна пченица, односно за увезен еден килограм брашно да се откупат четири килограми пченица.