Македонија во следните три години треба да вложи најмалку 10 милиони евра за селективно собирање на амбалажен отпад, беше истакнато денеска во Стопанската комора на Македонија.
“Неопходно е најпрво поставување инфраструктура, посебни контејнери за хартија, пластика, стакло,…, каде граѓаните селективно ќе ја фрлаат амбалажата, но и подигање на јавната свест дека тоа треба да го прават. Ова се всушност двете основни цели на секој постапувач со амбалажен отпад“, рече директорот на Пакомак, Филип Ивановски.
Некои општини, како што рече тој, не си ги знаат обврските, ниту знаат каков партнерски однос да воспостават со колективниот постапувач. Тие во своите буџети мора да предвидат ставки за купување контејнери не само за комунален, туку и за амбалажен отпад.
“Во Македонија, за 3,5 години најмногу 50% од амбалажниот отпад пуштен на пазарот е финансиран од неговите производители за да се собира. Оттука, голем е просторот за вклучување нови фирми – колективни постапувачи. Во ЕУ се собираат пет до 10 евра по жител за финансирање ситем за амбалажен отпад. За жал, кај нас се собира помалку од половина евро, а би требало најмалку 10 до 15 милиони евра годишно од фирмите, индустријата, и тие средства потоа да се вложуваат во општините за контејнери, камиони, секундарна селекција“, рече Ивановски.
Пакомак најмногу соработува со Град Скопје, Тетово, Битола, Штип, Неготино, Кавадарци, Дојран, Струмица и Кичево. Таму веќе се вложува во контејнери и се реализираат кампањи за подигнување на јавната свест. Лани Пакомак рециклира над 9.300 тони амбалажен отпад, главно хартија, пластика и дел стакло. Во Скопје се обезбедени 200 жолти контејнери, а до крајот на годината ќе бидат донесени уште 100. Целта е на секое место каде што има контејнери за комунален отад, да има барем еден за амбалажа.