Споредено со лани, бројот на туристи од Косово во Македонија годинава се зголемил за околу 50%, но се уште доминираат индивидуалните аранжмани.
Поттикнати од тоа министерот за економија Ваљон Сарачини и заменик претседателот и министер за индустрија и трговија на Република Косово, Мимоза Кусари Лила денес потпишаа Договор за туристичка соработка меѓу двете земји.
“Со посебно задоволство ќе истакнам дека годинава, во споредба со 2012 година, бројот на туристи кои ја имаат посетено Република Македонија во првите четири месеци бележи тенденција на зголемување. Според последните податоци, бројот на туристите од Косово за април 2013 година, во однос на април 2012, е зголемен за 49%, а бројот на ноќевања е зголемен за 53%”, рече Сарачини.
Овој договор има за цел да се создаде заеднички туристички пакет, кој регионалниот туристички пазар ќе го направи поконкурентен.
Заменик претседателот и министер за индустрија и трговија на Република Косово, Мимоза Кусари Лила напомена дека покрај туризмот и неговата заедничка промоција на трети пазари, во идниот период ќе се работи и на зголемување на извозот од Косово во Македонија, но и размена на искуства во делот на подобрување на бизнис климата и привлекување на странски инвестиции.
“Од особена важност во наредниот период ќе биде патот Приштина – Скопје, чија изградба на косовска страна ќе започне во октомври, капиталниот проект Брезовица, чиј старт е прецизиран на есен, а Договорот за туристичка соработка претставува сигнал дека сме блиски држави кои треба да настапат со заедничка туристичка понуда, но и заедничка промоција, не само во туризмот, туку и во инвестициите”, истакна Кусари.
Промоцијата би се одвивала помеѓу владините институции, но и во приватниот сектор, заради продажба на заедничкиот туристички производ кон трети пазари. Вредноста на трговската размена со Косово во првиот квартал во 2013 годината изнесува околу 96 милиони долари, со суфицит на македонска страна од околу 78 милиони долари, што претставува доволен мотив за уште поголемо унапредување на соработката.