На Факултетот за електротехника и информациски технологии – Скопје (ФЕИТ) наскоро ќе биде отворена лабораторија во која ќе се детектира храната која веќе била третирана со јонизирачко зрачење. Мобилниот дел од лабораторијата веќе е набавен, а наскоро се очекува да пристигне и останатата опрема. Планирано е лабораторијата да биде сертифицирана и акредитирана според стандардите во Република Македонија.
“Засега лабораторијата ќе се користи само за контрола што влегува во Македонија како продукт третирано со јонизирачко зрачење и каде се користи, односно дали од тие производи понатаму се прават нови производи во земјава, а во крајната фаза се размислува за воведување уред кој би ја зрачел храната и би го подобрувал нејзиниот квалитет”, изјави проф. д-р Христина Спасевска, координаторот на проектот.
Спасевска посочи дека јонизирачкото зрачење е технологија која е добро позната во светот и се користи четириесетина години за подобрување на својствата на полимерите и на другите материјали.
“Последните 20 години јонизирачкото зрачење се користи и за стерилизација на опаковките кои се користат за пакување на производите, но и за подобрување на квалитетот на храната. Производите третирани со јонизирачко зрачење траат подолго, но европската легислатива не е целосно ускладена кога станува збор за користење на таква храна. Засега единствен производ третиран со јонизирачко значење кој може да биде користен во Европа се зачините и чаевите”, прецизира Спасевска.
Ваквата технологија, посочи, не е задолжителна, но голем број на земји од Азија и Јужна Америка ја користат за да го подобрат квалитетот на нивните производи.
Ив Хенон, експертот на Меѓународната агенција за атомска енергија рече дека јонизирачкото значење има широка употреба ширум светот, но се уште не и во Македонија.
“Токму затоа сум тука кај вас за да помогнам да се зголеми интересот кај индустријата и истражувачките организации за оваа корисна технологија. Таа има многу примени, почнувајќи од подобрувањето на пластиката, па до заштита на храната за да се направи побезбедна”, рече Хенон.
Хенон посочи дека на работилницата ќе се расправа за разните можности што ги нуди јонизирачкото зрачење и за начинот на кој тоа може да се примени во блиска иднина во Македонија.
На работилницата се присутни претставници од повеќе македонски компании, факултети и државни институции.
Почетна Новости Македонија Македонија ќе добие лабораторија за детектирање на храна со јонизирачки зрачења