Македонија ќе соработува со САД за безбедност на 5G технологии

64

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и потсекретарот за економски раст, енергија и животна средина во Владата на Соединетите Американски Држави Кеит Крач, денеска потпишаа меморандум за разбирање за безбедност на 5G технологии.

По потпишувањето на меморандумот, премерот Заев и Потсекретарот Крач, се осврнаа на важноста од потпишувањето на овој мемораднум, особено што Република Северна Македонија, како земја кандидат за членство во ЕУ, има обврска да ги усогласи националните политики за развој на електронските комуникации со политиките на ЕУ и со оние на Соединетите Американски држави.

Како што истакна премиерот Заев, со меморандумот, Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, ја потврдуваат својата желба да ја зајакнат соработката поврзана со спроведувањето на 5G технологијата којашто е во согласност со нашиот Национален оперативен бродбенд план, што го усвоивме минатата година како наш стратешки документ за новата ера на дигитализација на земјата.

“Имајќи ги предвид предностите на безжична комуникација од 5G генерацијата, овој меморандум за соработка е од витално значење за идниот просперитет на нашата земја од економски аспект, како и за националната безбедност. 5G ќе овозможи огромна низа нови апликации, вклучително и обезбедување клучни услуги за јавноста, што ќе им користат на нашите граѓани и на нашата економија. Зголемените количини на податоци дополнително ќе ги поврзат економиите во светот, вклучително и Северна Македонија и САД и ќе ги олеснат прекуграничните услуги и трговија“, изјави премиерот Заев.

Северна Македонија и САД ја нагласија важноста за поттикнување учество на релевантни и доверливи мрежни добавувачи на хардвер и софтвер на 5G пазарите, земајќи ги предвид проценките за ризик и промовираат рамки кои ефикасно ги штитат 5G мрежите од неовластен пристап на трети страни.

Потсекретарот Крач се осврна на соработката со Северна Македонија, како важен стратешки партнер. Особено сега, кога со овој меморандум Северна Македонија како дел од НАТО Алијансата, се приклучува и на групата од 27 земји членки на НАТО, кои се дел од Чиста мрежа (Clean Network).

Како што рече тој, овој меморандум ги адресира ризиците и ги зема во предвид безбедните интернет мрежи кои се од витално знаење за националната безбедност, економскиот просперитет и стабилност во регионот.

“Заедно, ние ја контролираме нашата 5G иднина и можеме да обезбедиме безбедна и сигурна иднина за начите граѓани. Овој меморандум пред се е за довербата, и не само како симбол на силната доверба помеѓу двете земји, но и со сите други држави кои со помош на  безбедните мрежи се посветени на борбата помеѓу слободата и авторитаризмот“, заклучи потсекретарот Крач.

Фото: Freepik