
Дигиталната инфраструктура на македонските претпријатија е фрагментирана и нецелосна, што директно го ограничува развојот на е-трговијата, покажуваат резултатите од анализата за е-трговијата во Западен Балкан за 2025 година.
Истражувањето, кое опфатило 1.200 компании од Западен Балкан, по 200 од секоја економија, покажува дека ниту една компанија во земјава не пријавила користење на сите клучни дигитални ресурси, а 23 проценти од фирмите изјавиле дека не користат ниту една од наведените дигитални алатки што е повеќе од двојно над регионалниот просек од 10 проценти.
Добиените резултати упатуваат на тоа дека само 41 проценти од македонските компании имаат веб-страница што е под просекот во Западен Балкан, а само 33 проценти користат електронска пошта што исто така е под регионалниот просек од 44 проценти.
– Овие основни алатки, кои претставуваат предуслов за онлајн продажба и дигитална комуникација со клиенти, сè уште не се стандард кај македонските фирми – посочуваат од Асоцијацијата за е-трговијата во земјава.
Според резултатите, само 19 проценти од анкетираните македонски компаниите продаваат свои производи или услуги онлајн, а користењето на вештачката интелигенција е занемарлив еден процент.
– Дигиталниот јаз кај македонските компании не се гледа само кај вештачката интелигенција, туку и кај основните деловни системи. Додека само 1 процент од компаниите користат ВИ алатки, едвај 6 проценти имаат ЕРП (ERP) системи, а само 20 проценти користат cloud решенија. Без овие основи, е-трговијата тешко може да стане скалабилен и одржлив извор на приходи. Без дигитализација и иновации, е-трговијата ќе остане ограничена, а компаниите ќе ја губат конкурентноста и на регионално ниво. За да го промениме ова потребни се здружени напори и холистички пристап. Добро е што неодамна Владата донесе стретегија за дигитална трансформација, но секако останува да ја проследиме имплементацијата и резултатите. Асоцијацијата за е-трговија е посветена да го забрза патот на дигитализацијата која е основа за развојот на е-трговијата – смета претседателката на Асоцијацијата за е-трговија во Македонија, Нина Ангеловска Станков.











