Македонија нема да ги почитува препораките за тутунот

22

Mинистерот за финансии Зоран Ставрески ја расчисти дилемата дека всушност тутунарите можат мирно да спијат, бидејќи земјава нема да се придржува до препораките.

Ставрески порача дека тутунопроизводителите може да бидат спокојни и сигурни дека и натаму ќе има производство на ориентален тутун и дека ќе ги добиваат субвенциите така како што е ветено во програмата на Владата.

Според него препораките на Светската здравствена организација повеќе се однесуваат на зачувување на здравјето на пушачите, отколку на оние кои произведуваат тутун.

„Тутунопроизводителите да бидат спокојни дека нема ризик за македонските тутунопроизводители, ниту пак има опасност од намалување на субвенциите“, изјави вчера Ставрески. Тој додаде дека субвенциите за тутунарите за годинава се целосно исплатени во износ од 20 милиони евра во текот на мај и јуни годинава.

Препораките на Светската здравствена организација официјално се очекува да бидат усвоени во ноември на конференција за контрола на тутунот што ќе се одржи во Сеул, а тогаш нашите претставници ќе гласаат против.

„Владата ќе ги заштити интересите на Македонија и на произодителите на тутун и во тој дел ќе заземе став во корист на македонската економија и македонското земјоделство“, изјави вчера Ставрески.

Инаку, препораките на СЗО ќе значат ограничување на финансиската и техничката поддршка за одгледување ориентален тутун, со нив се диктира дури и временски период кога може, а кога да не се сади тутун, а ќе се ограничат и површините каде што може да се одгледува. Слични вакви препораки се очекува да усвои и Европската комисија.

Здружението на производители на тутунари веќе алармираше дека доколку земјава ги почитува препораките како потписник на Рамковната конвенција за контрола на тутунот, целосно ќе биде уништено производството на тутун во земјава, а над 150.000 луѓе ќе останат на улица.