сабота, 25 септември, 2021
Почетна Новости Македонија Македонија од зелената преместена во портокаловата категорија за патување на Кипар

Македонија од зелената преместена во портокаловата категорија за патување на Кипар

80

Согласно новата “Процена на епидемиолошкиот ризик на земјите во врска со Ковид-19″ објавена од Министерството за здравство на Кипар, Македонија, заедно со уште пет земји е преместена од зелената во портокаловата категорија за патување на островот и потребен е негативен ПЦР тест направен 72 часа пред поаѓањето, јави дописничката на МИА од Атина.

Новата категоризација на земјите стапува во сила во четврток, на 19 август, а направени се вкупно 11 промени што се однесуваат на исто толку земји.

Како и досега, државите членки на ЕУ, како и третите земји, во зависност од епидемиолошката слика поделени се во три категории: зелена, портокалова и црвена, за секоја од нив важат посебни правила, а оние кои не се во некоја од овие зони се во сивата категорија.

Освен Македонија, во втората категорија префрлени се и Австрија, Бугарија, Летонија, Словенија и Канада, Хрватска од портокаловата преминува во зелената зона, а Литванија, Србија, Белгија и Шведска веќе се во црвената категорија.

Во првата (зелена) категорија, односно “земји со ниска опасност”, за кои не се предвидени никакви рестрикции, не е потребен тест, ниту самоизолација, од 18 држави колку што беа минатата седмица, сега се само 11 земји.

За земјите од втората (портокаловата) категорија задолжителна е потврда за негативен молекуларен тест направен 72 часа пред патувањето и заедно со Македонија, се и Австрија, Бугарија, Грција, Италија, Латвија, Луксембург, Словенија, Финска, Ватикан, Лихтенштајн, Норвешка, Босна и Херцеговина, Канада, Катар, Кина, Бахреин и Саудиска Арабија.

Во третата категорија земји со “зголемена опасност во споредба со другите две категории”, вклучени се над 30 држави, задолжителен е негативен тест ПЦР тест 72 часа пред поаѓањето и уште еден по пристигнувањето на Кипар.

Како што веќе има објавено МИА, Македонија и претходно беше во портокаловата зона, а на 22 јули 2021 година беше префрлена во зелената, а сега повторно се враќа во втората категорија.

Од земјите од регионот само Хрватска е во зелената категорија, а Грција, Босна и Херцеговина, Бугарија се во портокаловата, додека пак Албанија, Црна Гора и Србија се во последната, црвена зона.

Во однос на вакцинираните посетители, од Министерството за здравство на Кипар соопштуваат дека ослободени од задолжителниот негативен тест или карантин, се туристите кои поседуваат сертификат за вакцинација издаден од земјите- членки на ЕУ, на Европската економска зона, од Швајцарија, Израел, Русија, Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија, Украина, Јордан, Либан, Египет, Белорусија, Србија, Катар, Бахреин, САД, Ерменија, Грузија, Канада, Кувајт и Кина.

Исто така, потребно е и да се поминати 14 дена од ревакцинацијата со една од вакцините одобрени од Европската организација на лекови (Фајзер, Модерна, Астра Зенека и Џонсон) или со Спутник В, Синофарм или Синовак.

Туристите, како што е веќе пракса од лани, пред да го посетат Кипар, задолжително е, 48 часа пред патувањето, да го пополнат CyprusFlightPass, односно онлајн формуларот достапен на https://cyprusflightpass.gov.cy/ .

Од Министерството за здравство на Кипар потенцираат дека категоризацијата на земји, е исклучително динамична и може да се промени во било време согласно развојот на пандемијата и промената на епидемиолошките податоци, па затоа, листите континуирано се ажурираат, секоја седмица.

Фото: Pixabay