
Гувернерот Трајко Славески смета дека е прерано да се насетат првите последици од воведувањето на американските давачки кои засега за Македонија изнесуваат 15 проценти.
Како што изјави денес, со оглед на тоа дека оваа одлука е донесена “буквално пред некој ден”, дополнително ќе се спроведуваат потребните анализи.
“Сè уште немаме ефект од воведувањето на царините, сепак, се чувствува значително задоцнување.”
Дури и предвидувањата на САД укажуваат дека и кај нив ќе има влијание, и по пет-шест месеци ќе можат да ги насетат првите ефекти. Царинските стапки се воведени “буквално од пред некој ден”.
“Треба да направиме анализи, да видиме во која мера тоа би влијаело, сега немам прецизен податок за тоа”, нагласи Славески.
Одлуката на САД според која македонските производи ќе бидат оданочувани со дополнителни 15 проценти, стапува во сила денес, а беше донесена на 1 август.
Царина од 15 проценти САД ќе имаат и со Европската унија, со која потпишаа трговски договор на 27 јули.
Од земјите во регионот, со царинска стапка од 15 проценти ќе бидат и производите од Хрватска и Словенија, производите од Србија ќе се оданочуваат со 35 отсто, од Босна и Херцеговина со 30 проценти, а најниска царина ќе имаат Албанија и Црна Гора, 10 отсто.
Инаку, премиерот Христијан Мицкоски минатата недела изрази очекување тарифите да одат уште подолу, изразувајќи благодарност кон САД што ја корегираа тарифата од 33 на 15 проценти.