Македонија повеќе извезува одошто увезува од Албанија

59

Продлабочување на добрососедските односи и реализација на инфраструктурните проекти коишто ќе доведат до зголемување на економската соработка помеѓу РС Македонија и Албанија, беа тема на разговор на денешната средба помеѓу министерот за финансии, Фатмир Бесими и албанскиот амбасадор во земјава, Фатос Река. Амбасадорот Река му го честиташе на министерот Бесими изборот за министер и му посака успех во работата.

“Билатералната соработка со Албанија е на завидно ниво. Во моментов се работи на реализација на инфраструктурни проекти коишто ќе ја зголемат економската активност и ќе овозможат зголемен број вработувања. Ова се приоритетите на кои активно работиме. Воедно гледаме можност и за зголемување на трговската размена. Во овој дел позитивно влијание ќе има проектот за „Олеснување на трговијата во Западен Балкан” на Светска банка, во чии рамки се предвидува целосна реконструкција на граничниот премин Ќафасан, како поддршка за воспоставување one stop shop, а за што веќе се водат преговори на меѓувладино ниво“, вели Бесими.

На средбата стана збор за важноста од реализација на инфраструктурните проекти како што е патниот правец Струга – Ќафасан, за којшто наредниот месец треба да биде распишан тендер за целосна реконструкција и проширување, како и за проектот за изградба на железничката пруга Кичево – Лин (граница со Албанија), како дел од паневропскиот Коридор 8. Во рамки на енергетиката, македонската влада презема активности за изградба на 400 киловолтна интерконекција Битола-Елбасан. Проектот предвидува изградба на нова 400/110 киловолтна трафостаница во Охрид и далновод од ТС Битола 2 до границата со Албанија, додека албанската страна треба да изгради далновод од македонската граница до Елбасан.

Албанскиот амбасадор Река ја спомена важноста нашата држава да се вклучи во продолжување на автопатот Арб’р и на македонска територија, со што ќе се скрати растојанието од Тирана до Дебар за 100 километри, а пристаништето Драч ќе биде подостапно.

Двете страни говореа и за придобивките од членството во НАТО, во чии рамки нашата држава годинава и официјално стана членка. Амбасадорот Река се осврна на придобивките што Албанија ги има од членството во НАТО. Албанија стана членка на НАТО во 2009 година, кога целиот свет беше зафатен од финансиска криза, но и во такви услови, странските директни инвестиции во периодот по пристапувањето во НАТО значително пораснаа. Странските директни инвестиции во Албанија пет години пред влезот во НАТО изнесуваа 5,5% како процент од БДП, додека пет години потоа пораснаа на 9,1%.

Во однос на надворешнотрговската размена со Албанија, истата во 2018 година е зголемена за 11%, во 2019 е задржана на речиси истото ниво од претходната година, а во периодот од јануари до јули годинава размената со соседната држава бележи пад од 5%. Притоа во трговската размена се забележува поголем извоз отколку увоз, при што суфицитот во 2019 година изнесува четири милиони евра, а во периодот јануари – јули годинава, во услови на пад на трговската размена, суфицитот дури се зголеми и истиот изнесува 5,7 милиони евра.