Од 4 до 6 јуни 2013 година во Штутгарт, Германија се одржува годишниот тродневен саем во чии рамки се опфатени пет настани од областа на автомобилската индустрија.
Овој меѓународен настан е еден од најголемите собири од овој сектор на кој оваа година присуствуваат повеќе од 650 компании од Европа, Азија и Северна Америка.
На настанот со свој штанд учествува и Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, каде преку директни контакти со претставниците на компаниите се презентира бизнис климата и инвестициските можности на Република Македонија. Притоа посебено се акцентираат поволностите кои се нудат на инвеститорите во Технолошко-индустриските развојни зони.
Неколку компании се веќе заинтересирани за посета на Македонија и разгледување на слободните зони поради потреба за проширување на бизнисот и производствените капацитети во Европа.
На настанот како панелисти учествуваат претставници на едни од најголемите компании од автомобилската индустрија како што се BMW, Ford, General Motors и други. Исто така, во рамките на овој саем ќе бидат прогласени и добитниците на меѓународните награди Мотор на годината 2013 кои се сметаат за најпрестижни достигнувања во областа на производството на автомобилски мотори.
Покрај Македонија промоција на можностите за инвестирање во своите земји направија и Италија, Молдавија, Унгарија, Обединетото Кралство и Западна Вирџинија, САД.