Македонија претставена на саемот за туризам во Белград

36

KultemaВо организација на тимот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Република Македонија успешно ги претстави туристичките потенцијали и можности и на саемот за туризам во Белград.

Во рамките на деветтиот по ред Меѓународен саем за туризам, Македонија уште еднаш успешно ги претстави новините во областа на туризмот пред огромен број заинтересирани српски туристи и новинари. Посетителите уживаа во традиционална македонска храна, прекрасни вина и македонската музика и ора.

Според Љубиша Георгиевски, Амбасадорот на Република Македонија во Србија македонската презентација на Саемот за туризам во Белград се одликуваше со една ветувачка зрелост и според видот и начинот на агирање и според посетеноста и уредбата на самиот штанд.

“Новумот кој го сугерира зрелоста на нашиот туризам би се состоел во осмислување на што повеќе сегменти на туризмот: здравствениот, религиозниот, забавниот, хуманитарниот, рекреативниот… Овие промени треба да започнат од амперацијата на таргетираните туристи од ниска средна класа кон висока, па и највисока. Таквите туристи не се задоволуваат само со сончање на преполните плажи, туку сакаат густа, атрактивна програма со сите можни сегменти. Инаку нашиот штанд по ништо не се разликуваше од грчките пандани, иако тие ниту имаат, ниту наскоро ќе имаат Охридско лето на пример”, рече Георгиевски.

Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризам на Македонија, Јордан Трајков, за време на саемот во Белград имаше средба со претставници на туристичките организации од земјите во Југоисточна Европа на која беа договорени заеднички активности во областа на туризмот. Целта на средбата беше регионот да се претвори во заеднички бренд за да се привлекуваат туристи од трети, далечни пазари: Кина, Индија, Јужна Кореја, Јапонија, Австралија, Америка.