Делегација од Владата предводена од премиерот Никола Груевски, ги презентираше можностите на Македонија за инвестирање на бизнис форум во организација на Стопанската комора на Сао Паоло пред повеќе бразилски бизнисмени од различни области.
Беа остварени средби со раководниот менаџмент на Стопанската комора на Сао Паоло, која што беше и организатор на бизнис форумот.
“Иако сме земја со два милиони жители, ние го имаме надминато хендикепот на мал пазар, затоа што имаме потпишано договори за слободна трговија со сите земји од континентот Европа, и со Турција и со Украина, што значи дека производите кои ќе се произведат во нашата земја, и од домашните, но и од странските компании можат да се продаваат на европските пазари без никаква царина или дополнителни трошоци, што може да претставува сериозна можност за бразилските компании”, изјави премиерот.
Потпретседателот на Стопанската комора на Сао Паоло Жоао Гилерме Сабино Омето, која е најмоќна стопанска комора во Бразил, во своето обраќање изјави дека предностите кои ги нуди Македонија се позитивни и значајни и треба добро да бидат разгледани од бразилските компании, и дека тие како комора ќе лобираат кај нивните членки да ги проучат можностите кои им се нудат и да се осврнат на развој на бразилско – македонските односи.
Вицепремиерот Зоран Ставрески зборуваше на даночните поволности кои постојат во нашата земја.
“Имаме најниски даноци во Европа, персоналниот данок од доход е 10% и е рамен данок, данокот на добивка е 10% и тоа само за оние компании кои ќе ја распределат добивката во дивиденда, оние кои ќе ја акумулираат не плаќаат данок на добивка. Имаме политика на ниски даноци и на намалување на придонесите со што се намалуваат трошоците за водење бизнис на компаниите и се зголемуваат шансите за профити”, рече Ставрески.
Министерот за странски инвестиции Веле Самак презентираше повеќе конкретни проекти и тоа од областа на автомобилската индустрија и информатичката технологија, во туризмот, енергетиката и медицинските технологии, во кои може да се инвестира.
Директорот на Агенцијата за странски инвестиции Висар Фида ги презентираше поволностите кои ги нудат технолошко-индустриските развојни зони и сервисната ориентација на Агенцијата кон странските инвеститори, но зборуваше и за потенцијалните инвеститори кои сакаат да остварат посета на Македонија и изворно и на терен да се запознаат со предностите и фактите.