Македонија, Србија и Црна Гора бараат исти роаминг цени како ЕУ

16

107468060Ресорните министри на Македонија, Србија и Црна Гора, Иво Ивановски, Расим Љајиќ и Вуица Лазовиќ, преку потпишување заедничко писмо до Европската комисија и Дирекцијата за комуникациски мрежи, побараа граѓаните на трите држави да имаат исти цени за користење роаминг услуги кога патуваат во земјите-членки на ЕУ.

“Постојано ги исполнуваме директивите и барањата на Европската унија и редно време е Унијата да ги испочитува нашите барања”, истакна по потпишувањето на заедничкиот документ министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.

Според него следен чекор, е да се изврши измена на регулативата и да се воспостават нови правила за операторите за да може да се користат евтините роаминг-тарифи на ЕУ.

“Со оглед дека станува збор за група држави со над 10 милиони жители, се надеваме дека ова ќе биде прифатено сериозно од страна на ЕУ и Европската комисија, ќе извршат притисоци врз операторите и дека ќе ги направат соодветните измени на регулативата за да можат и нашите граѓани да користат цени еднакви на тие во ЕУ”, рече Ивановски.

Според договореното, министрите од трите држави веќе во септември ќе имаат состанок во Црна Гора каде ќе потпишат меморандум за соработка во телекомуникациите.

Македонските граѓани, според податоците, плаќаат седум пати повисоки цени за појдовни повици во роаминг, осум пати повисоки за дојдовни и три до четири пати повеќе за користење 1 мегабајт интернет.

“Со тоа од Република Македонија во ЕУ на годишно ниво се одлеваат близу милион евра при патувањето на македонските граѓани. Пред неколку дена ЕУ ги намали роаминг цените за 36% и бараме и нашите граѓани да можат да ги користат истите услуги што ги имаат и граѓаните на ЕУ”, посочи Ивановски.

Активностите за користење на роаминг-тарифите на ЕУ почнаа на иницијатива на македонската Агенција за електронски комуникации.