
Европската комисија денес обелодени пакет-поддршка од 171 милион евра за стимулирање на развојот на инфраструктурата и напредокот на приватниот сектор во земјите од Западен Балкан. Средствата се наменети, меѓу другото, и за унапредување на системот за пренос на електрична енергија и за изградба на енергетски ефикасни образовни објекти во земјава.
Новиот пакет за поддршка, како што информира ЕК, опфаќа инвестиции од различни извори на ЕУ за финансирање проекти во Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Тие се насочени кон зајакнување на одржливиот раст и регионалната поврзаност на Западен Балкан.
Од вкупната сума средства, 91,8 милиони евра се определени за инфраструктурни проекти во четирите наведени земји. Се очекува овие проекти да мобилизираат дополнителни 263 милиони евра инвестиции во седум проекти од сферите на дигиталната технологија, чистата енергија, човечкиот капитал, транспортот и животната средина.
Клучните проекти во рамките на овој пакет вклучуваат подобрување на македонскиот систем за пренос на електрична енергија, изградба и енергетски ефикасно реновирање на образовни установи во Северна Македонија и Црна Гора, електрификација на железничката линија Драч-Тирана, воведување широкопојасна инфраструктура во Албанија и реализација на проект за третман на вода за пиење и отпадни води во Босна и Херцеговина.
Покрај тоа, доделени се 2,9 милиони евра за четири проекти за техничка помош во Албанија и Босна и Херцеговина. Овие проекти имаат за цел поддршка на идните инвестиции во енергетиката, водниот сектор, иновациите и истражувањето.
– Овие проекти ќе бидат реализирани од страна на партнерите од Западен Балкан во соработка со меѓународни финансиски институции, истакна ЕК.
Дополнително, 76,3 милиони евра ќе бидат издвоени за поддршка на приватниот сектор во регионот. Овие средства ќе бидат насочени, пред сè, кон реализација на неколку програми за помош на малите и средни претпријатија од Западен Балкан, како и за зајакнување на капацитетите во јавно-приватното партнерство во Босна и Херцеговина.
Имплементацијата на проектите ќе може да започне откако ќе добијат одобрение од Оперативниот одбор на Инвестициската рамка за Западен Балкан, согласно најавите на Европската комисија.
– Ова вклучува финализирање на неопходните договори со партнерските институции и корисниците, започнување на подготвителни студии за активностите за техничка помош и завршување на процедурите неопходни за да се овозможи спроведување на проекти од приватниот сектор. Откако овие процеси ќе бидат завршени, може да започне имплементацијата на поддржаните инвестиции, се наведува во соопштението.
Според еврокомесарката за проширување, Марта Кос, инвестициите на ЕУ во земјите од Западен Балкан се од суштинско значење за нивното приближување кон Унијата.
– Повеќе од две години од усвојувањето на Планот за раст за Западен Балкан, работиме, вклучувајќи ја и Инвестициската рамка за Западен Балкан, на претворање на обврските во конкретни дела. Од унапредување на инфраструктурата до подобрување на развојот на бизнисот, овие инвестиции создаваат реални можности за граѓаните и ја прават ЕУ реалност што се живее низ целиот регион, заклучи Кос по повод најавата на новиот пакет за поддршка.











