Македонка меѓу најдобрите млади претприемачи во Европа според Forbes

818

Магазинот Forbes ја направи листата на најуспешни млади претприемачи во Европа. Свое почесно место си најдоа 300 млади визионери од 10 индустрии и од 32 земји од стариот континент.

Дваесет и шестгодишната режисерка Тамара Котевска, за која светот дозна преку филмот кандидат за Оскар, Медена земја, се најде меѓу најдобрите млади претприемачи од Европа во секторот Забава.

Просечната возраст на претприемачите во оваа листа е 27 години, а најмладиот има само 11 години. Станува збор за Скај Браун од Велика Британија, која има 11 години и професионално се занимава со скејтбординг, а наскоро би можела да стане и Олимпијка на нејзината земја.

Високи 64% од нив се основачи или коосновачи на бизниси. Преку различни кампањи успеале да соберат околу 500 милиони долари. Најголемиот дел од нив доаѓаат од Велика Британија, Германија, Франција, Шведска, Шпанија и Холандија, поточно од овие градови: Лондон, Париз, Стокхолм, Берлин, Копенхаген и Цирих.

Податоците на Forbes покажуваат дека младите претприемачи работат околу 62 часа неделно. 83% од нив сметаат дека тоа што имаат помалку од 30 години е голема предност за нивната кариера.

Меѓу апликациите без коишто овие млади и успешни луѓе не би можеле да живеат се: WhatsApp, Spotify, Google Maps, Instagram, Twitter и Slack.

На прашањето кој им е ментор од соништата, тие одговориле: Илон Маск, Бил Гејтс, Ричард Брансон, Навал Равикант, Џеф Безос и Мишел Обама.

Фото: Facebook