Македонката Светлана Мојсов е меѓу 100 највлијателни луѓе на светот во избор на Тајм

653

Научниот вонреден професор, Светлана Мојсов од Универзитетот „Рокфелер“ е именувана на листата на „Тајм 100“ највлијателни луѓе за 2024 година, која им оддава почит на уметници, иноватори, лидери и пионери во различни области. Мојсов е светски познат научник чие истражување за хормоналните предизвикувачи за производство на инсулин доведе до револуционерни третмани за дијабетес и дебелина.

Македонката Светлана Мојсов е всушност жената која стои зад лекот-блокбастер Оземпик, лекот за дебелина, заслужна за откритието на хормонот ГЛП-1 (GLP-1). Долги години се борела за признавање на својот придонес, наградите ги добивале други наместо таа, сè додека не почнала правна битка. После толку години борба, конечно минатата година почнува да се пишува за неа како жена која е најзаслужна за откривањето на ГЛП-1, хормон што фармацевтската компанија „Ново нордиск” го претвори во лек против дијабетес и дебелина. Светлана е родена во Скопје, а дипломирала хемија во Белград, тогашна Југославија.

 

 

Таа пред неколку дена ја доби наградата „Перл Мастер Грингард“ за 2024 година за нејзиното истражување за хормоналните предизвикувачи за производство на инсулин, обзнани Универзитетот Рокфелер. Во објавата се вели дека истражувањето довело до револуционерни третмани за дијабетес и за дебелина.

Оваа награда е истакната меѓународна награда која им оддава признание на истакнати жени научници.