
Македонската берза, Централниот депозитар за хартии од вредност и Загребската берза, ќе донираат финансиска помош во износ од 25.000 евра во новоформираната фондација на Македонската банкарска асоцијација „ЗАЕДНО ЗА ЕДНО“, со цел помош и поддршка на семејствата на загинатите и на повредените во страотниот пожар во Кочани минатиот месец.
Како континуирани промотори на принципите на општествена и корпоративна одговорност, трите институции веруваат дека во вакви моменти заедништвото и солидарноста се од исклучително значење, поради што сакаат да дадат конкретен придонес и поттик до сите други субјекти во рамки на своите можности да се вклучат во активностите за помош и поддршка на засегнатите од трагедијата во Кочани.
Нашите мисли се со сите кои се погодени во оваа голема несреќа.
Имено, во рамките на Македонската банкарска асоцијација е основана Фондацијата „ЗАЕДНО ЗА ЕДНО” за пружање помош и поддршка на семејствата на загинатите и на повредените во страотниот пожар на 16 март 2025 година.
Водејќи се од заедничките определби за хуманост и помагање, МБА преку оваа фондација ќе обезбеди донации за поддршка на оние чии животи засекогаш се променети, а со надеж дека барем малку во наредниот период ќе им помогнат да ги надминат трауматичните последици.
Целта на основањето на Фондацијата е континуирана помош, а средствата ќе бидат наменети исклучиво за помош и поддршка во рехабилитацијата и медицинските третмани поврзани со последиците од пожарот, поддршка на менталното здравје на настраданите и на нивните семејства, како и поддршка во образованието и професионалната реинтеграција на настраданите.