
И оваа година меѓу 12 и 15 илјади македонски граѓани се очекува да заминат на сезонска работа во Хрватска, најмногу во туристичкиот сектор. Најбарани се работниците во угостителството – келнери, собарки, помошници во кујна, готвачи и пицари, но има побарувачка и за кадар во одржување, чистење, транспорт и логистика.
Платите се движат од околу 1.000 до 5.000 евра, во зависност од позицијата и искуството. Келнерите и собарките заработуваат од 1.000 до 1.350 евра, додека оние со поголемо искуство можат да достигнат и до 1.800 евра месечно. Најплатени се готвачите, чии примања се движат од 2.000 до 5.000 евра.
Во повеќето случаи, работодавците обезбедуваат сместување и храна, а бакшишот е значаен дополнителен приход. За многу млади луѓе, но и за оние кои бараат привремен приход, сезонската работа е добра опција – не само за финансиска добивка, туку и за стекнување работно искуство и престој на море неколку месеци.
Зоран Кочоски, сопственик на агенцијата за посредување при вработување во странство „Коузон“, смета дека актуелните глобални случувања нема значително да влијаат врз интересот за летување во Хрватска.
– Хрватска годинава има потреба од околу 125 илјади работници во сите индустрии, од кои над 50 илјади во туризмот. Сепак, може да се забележи дека земјата станува сè поскапа дестинација и интересот не е како порано. Цените се зголемени за околу 6 отсто, а во последните две години туристичките аранжмани пораснале за 33 отсто, вели Кочоски за „Локално“.











