Македонска платформа за споделување превоз: Со ВозиМе.мк се патува од и до секаде

157
naslovna
Анастас Петровски и Димитар Фуна

Дали имате слободни места во вашиот автомобил? Кога возите по долги релации и имате слободни места во автомобилот, изнајмете ги истите на патници на кои може да им верувате! Ќе заштедите и ќе се забавувате!

Ова е концептот на студентите Димитар Фуна и Анастас Петровски од Битола, кои пред нешто помалку од половина година ја поставија интернет платформата за споделување на превоз – VoziMe.mk.

“Причините и поттикот за формирањето на платформа од ваков вид лично ги увидовме како студенти кои често патуваат на релација Скопје – Битола. Бавни автобуси и расипани возови, со високи цени за билети се одлична причина зошто луѓето би започнале да делат превоз. Самата идеја за делење на превоз е доста стара, ние имаме за цел да ја поедноставиме истата и да ја направиме подостапна за секој”, велат Атанас и Димитар.

22

VoziMe.mk функционира на принципот car sharing или споделување на патните трошоци, односно ги поврзува возачот и патниците кои имаат иста крајна дестинација. Секој возач кој патува од еден во друг град може да ги огласи празните (слободни) места од неговиот автомобил, а патниците преку оваа платформа можат да стапат во контакт со него и заедно да патуваат.

“Се користи многу едноставно, потребно е да се регистрирате на платформата со имејл адреса или фејсбук профил. Следно што треба да направите е да го потврдите вашиот телефонски број. Откако ќе креирате кориснички профил, имате можност да споделите или да резервирате слободно место до вашата дестинација. Патувањата се можни во и надвор од нашата држава, главни градови, аеродроми, концерти и летувања. На ВозиМе се патува од и до секаде.”

Овој начин на патување во Западна Европа им помага на над два милиона луѓе секојдневно да одат на работното место или да се вратат дома. На овој начин патувањето може да биде позабавно, се запознаваат нови пријатели, се заштедува на патни трошоци.

33

“Безбедноста ја креираме заедно со нашите корисници. Тие по пат на коментари кои меѓусебно си ги оставаат, ја прават полесна одлуката на следните корисници на ВозиМе. Со тоа и самата заедницата на ВозиМе ја прави сигурно место за патување. А ние по пат на верификација на телефонскиот број на корисниците потврдуваме нивно вистинско постоење”, појаснуваат креаторите на платформата.

VoziMe.mk е создаден со цел да им помогне на луѓето да заштедат на патните трошоци и што е уште поважно, да ја подигне свеста за загадувањето на воздухот. Со делење на превозот ќе има помалку автомобили во сообраќајот, а тоа ќе придонесе за почиста животна средина. Преку користење на оваа платформа, се заштедува и на време потрошено на чекање по автобуски и железнички станици. Со VoziMe патувањето е поекономично, попрактично, полесно, позабавно. До сега се регистрирани над 1.000 активни корисници, преку 400 превози. Мерено во километри, извозени се над 150.000, а најпопуларни дестинации се Белград, Љубљана, Солун, Охрид, Скопје, Софија, Марибор, Битола.