Македонската ИТ-компанија „Аспект“ одбележа три децении софтверска иновација и трансформација на три континенти

53

„Аспект“, една од водечките компании за развој на софтверски решенија за банки и финансиски институции на домашниот и странски ИКТ-пазар, изминатиот период го прослави својот 30-ти јубилеј. Јубилејот што беше одбележан со настан, на кој истовремено беше промовиран и новиот визуелен идентитет на компанијата, беше повод за собирање голем број клиенти и претставници од ИКТ бизнис-сегментот кај нас, како и многубројни гости – клиенти и соработници од различни делови на светот.

Гостите на настанот имаа можност да присуствуваат на единствено хајтек брендирање, добра музика и специјално дизајнирано мени со коктели и храна, но и да посведочат на богатата историја на компанијата.

„Овие три децении на постојан раст, кои го позиционираа ’Аспект‘ како светски реномирана компанија што функционира на три континенти, им ги должиме на беспрекорната поддршка од нашите бизнис-партнери и, несомнено, на безрезервната деноноќна пожртвуваност на нашите вработени. Сигурни сме дека следните децении од нашето успешно работење што ќе бидат во иста, а можеби и во поголема мера, ќе се должат на нашите колеги, кои практично ни се семејство, како и на нашите сегашни и идни соработници“, изјави Горан Шлакески, менаџинг-партнер на „Аспект“.

„Јубилејот на нашата компанија е можеби најважниот момент од нашето работење, рамо до рамо со моментот што го одбележа почетокот на постоењето на ’Аспект‘ во светот на ИКТ-услугите. Патот до овој јубилеј беше исполнет со различни моменти: – и многу победи, но и многу предизвици. Но, токму тие искуства, како и посветеноста на нашите колеги се она што ја направи оваа компанија да работи во ритам на победничка компанија. На сите наши вработени, на нашите партнери и на нашите клиенти им благодариме за сета сила и сета поддршка што ни ги дадоа во изминатите години“, дополни Александар Ивановски, менаџинг-партнер на „Аспект“.

Борче Димовски, менаџинг-партнер на „Аспект“, пак, изјави: „Ја основавме компанијата со скромна визија: да креираме квалитетни продукти и услуги. Се соочивме со многу предизвици, но, од друга страна, искусивме многу успеси и, навистина, многу отворени можности. Во ’Аспект‘ веруваме дека постојаното учење нови нешта нè прави подобри. Во текот на сите овие години се менувавме, ги слушавме потребите на клиентите, ги следевме трендовите и, навистина, го испишавме ова големо поглавје, со постојана трансформација и континуиран раст.“

Новиот визуелен идентитет што беше промовиран на јубилејниот настан ја потврдува успешната приказна на „Аспект“. Новиот имиџ ја пренесува визијата на компанијата – да биде лидер и партнер на своите клиенти, креирајќи единствени вредности и поместувајќи ги границите кон уште попросперитетна иднина.

Во рамките на новиот компаниски визуелен идентитет, промовиран е и новиот слоган на компанијата. „Иновација, трансформација, раст“ е слоганот што уште еднаш ја потврдува мисијата на „Аспект“: да им биде поддршка на своите клиенти во остварувањето на нивните стратешки цели, обезбедувајќи иновативни, флексибилни и интегрирани софтверски решенија.