Камиони произведени од македонската компанија Брако се извезуваат во САД, Кина, Англија, Германија, Белгија, Романија, Турција и Данска. Со договорот постигнат со Green Machine оваа македонска компанија има почетни нарачки од 200 висококвалитетни возила за градско чистење кои ќе се гледаат низ светските метрополи, стои во соопштението.
“Ова е голем чекор за нас. Договорот со Green Machine е резултат на континуираниот раст на компанијата во последните 20 години, со големи инвестиции во производни капацитети, примена на врвна технологија и ангажирање на висококвалитетен кадар. Овој договор ни овозможи да се шириме со капацитетите за специјализирано производство на ваков тип возила со потполна автоматизација и планирање на производството, имајќи ја предвид стабилната мрежа на дистрибутери на Green Machine, а во исто време и да го шириме овој сегмент со нови производи. Годишниот капацитет во следните години ќе се зголемува со оглед на тоа што следниот месец ќе биде пуштена во употреба целосно компјутеризираната хала за производство во Брако, инвестиција вредна 4 и пол милиони евра. Покрај сето тоа, следната година Брако ќе започне со целосна реализација на производство на камиони, од креирање на прототип до финално производство во соработка со Машинскиот факултет од Скопје”, изјави Кочо Анѓушев, Претседател на бордот на директори на Брако.
Први возила што ќе излезат од производната линија се моделот GM500ze, возило што работи потполно на електричен погон и не остварува никаква емисија на штетни гасови и GM636, моделот се движи на високо ефикасен дизелски погон со многу ниска емисија на CO2. Двете возила располагаат со контејнер од 1,2 метри кубни што ги прави исклучително практични за својата намена.
“Брако се покажа како вистински партнер. Имаме партнер што покажа дека може да одговори на сите предизвици. Успеавме да направиме одлична соработка, а нашата мрежа на клиенти овозможува постојан пласман на нашите производи кои се специфични и бараат вистински квалитет што го најдовме во Брако. Сигурни сме дека капацитетите постојано ќе се зголемуваат и пред нас стои навистина голема соработка”, изјавија од Green Machine.
Планираното производство за првата година изнесува, пет возила неделно, односно 200 возила годишно, а компанијата Брако наскоро ќе ја зголеми својата линија за уште две нови помали возила без кабина. Најголем дел од овие возила ќе се појават во градовите низ САД, Кина, Велика Британија, Германија, Бенелукс, Скандинавија, Романија, Турција, и уште многу други земји низ целиот свет.
Компанијата Брако е дел од групацијата Фероинвест, каде има околу 800 вработени лица, претежно инженери.