Македонски компании на Меѓународниот саем за свежо овошје и зеленчук Фрутлогистика

49

Во периодот од 5 до 7 февруари оваа година, македонските компании ќе се претстават на Меѓународниот саем за свежо овошје и зеленчук Фрутлогистика во Берлин, Германија.
Со цел што поуспешно претставување на македонските компании, обезбеден е простор на саемот со големина од 120 м2 на кој ќе биде сместен националниот штанд и кој е дизајниран во насока на препознатливост на нашата земја.

За оваа цел се искористени финансиски средства што ги обезбеди Владата на Република Македонија, наменети за промоција на македонското извозно земјоделско производство на светските реномирани саеми за храна и вино.

Интерес за учество на саемот пројавиле едни од најголемите фирми во секторот свежо овошје и зеленчук и тоа: Перминдекс, Агролозар, Агро Калем, Жито, ГД Тиквеш, Румко, Баџо Компани, Туран, Ксенос и Евро Мак.

Саемот Фрутлогистика 2014 во Берлин претставува водечки меѓународен саем за свежо овошје и зеленчук, на кој секоја година присуствуваат приближно 2.600 изложувачи и 60.000 посетители од над 130 земји од светот, меѓу кои и глобалните лидери во индустријата за свежи производи и истиот е место за согледување на најновите трендови, како и развој во производството и трговијата на свежо овошје и зеленчук.

Овој специјализиран саем им нуди на сите сектори поврзани со свежо овошје и зеленчук идеална можност да ги презентираат своите производи од самото нивно производство до точката на продажба, како и идеална можност за остварување на меѓусебен бизнис.

Минатата година на саемот, покрај големиот број на остварени контакти, беа склучени нови договори за извоз на свежо овошје и зеленчук во износ од 4,67 милиони евра, со компании од Холандија, Русија, Словачка, Италија, Украина, Франција, Унгарија, Романија, Шпанија, Алжир, Хрватска, Бугарија, Чешка и Германија.