Средношколците Стефан Стојковиќ и Стефан Дамчевски освоија бронзени медали на Меѓународната олимпијада по хемија – IchO (International Chemistry Olympiad), којашто се одржа во Париз од 27-ми до 30-ти јули. Покрај Стојковиќ, кој е ученик од СУГС Раде Јовчевски Корчагин и Дамчевски од ПСУ Јахја Кемал од Струга, во тимот којшто беше поддржан од страна на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) беа и Руфија Идризовска од ПСУ Јахја Ќемал, Гостивар и Александар Трајковски, од СОУ Крсте П. Мисирков, Демир Хисар.
“Кумулативно, резултатите кои ги покажа нашиот тим, беа подобри од многу западноевропски земји кои се познати по добро развиениот систем на образование, и тоа: Финска, Норвешка, Швајцарија, Холандија, Ирска, Исланд и други земји”, велат од Сојузот на хемичари и технолози на Македонија.
Годинава, на 51-та Меѓународна олимпијада по хемија учествуваа 309 ученици од 80 држави од целиот свет, како и 160 ментори, 109 набљудувачи и гости и 273 члена од организацијата.
Реномираниот натпревар по хемија IChO е единствениот кој влегува во групата на 12-те општо признати меѓународни научни олимпијади, односно натпревари на знаење, а Меѓународната олимпијада по хемија е класифицирана и во 13-те признати олимпијади од страна на Министерството за наука и образование на РСМ.
Поддршката на ФИТР е дел од Програмата за поддршка и развој на таленти која Фондот ја развива во соработка со УНИЦЕФ. Тим од професори, претставници на академската фела и ФИТР веќе неколку месеци работат на изготвување концепт кој треба да биде претставен наскоро, со кој ќе се предложи системско решение што ќе вклучува инструменти за поддршка на талентирани деца и координирани активности, како и иницијативи на сите релевантни институции.
Оваа иницијатива произлезе од бројните барања за поддршка на ученици од страна на ФИТР, како и од програмата за поддршка на млади истражувачи која прв пат беше објавена во ноември 2017 година.
Инаку, ФИТР само во изминатата година има инвестирано близу 10 милиони денари во реализација на програми наменети за млади и деца од различни возрасти, со цел поттикнување на нивната критичка мисла и иновативност.