Осум компании од текстилната индустрија од Македонија, денеска во Копенхаген, Данска, ќе ги презентираат своите производи и услуги на деловна Б2Б средба со фирми од Северна Европа. Компаниите кои ќе се претстават се: Албатрос, Еуросолид, Виеми, Алекс, Верамонд, Алзама, Линеа и АСМ. На средбата, европските увозници ќе имаат одлична можност да се запознаат и воспостават деловни партнерства со македонските текстилни компании.
Целта на ова деловна средба е презентација на македонските фирми пред европскиот пазар, воспоставување на директни контакти и преговори со потенцијални купувачи, обезбедување на корисни информации во однос на пазарните трендови, конкурентноста, технологијата и цените. Средбата ќе овозможи и подобро позиционирање на македонските фирми на меѓународните пазари.
Македонските фирми утре ќе имаат можност да го посетат Меѓународниот саем за мода во Копенхаген кој е најголем саем од овој вид во Северна Европа и се одржува помеѓу 3 јануари и 2 февруари 2014. Саемот е на површина од 40.000 м2.
Деловната средба е организирана од страна на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија (InvestMacedonia) заедно со Проектот на УСАИД за унапредување на инвестирањето и извозот (IDEAS), Швајцарската програма за промоција (SIPPO) и Текстилно Трговско Здружение на Македонија.
Повеќе од три години, Проектот на УСАИД за унапредување на инвестирањето и извозот во соработка со Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија и Швајцарската програма за промоција ја помагаат македонската индустрија за облека како сектор со голем извозен потенцијал во рамки на македонската економија. Преку ИДЕАС, УСАИД работи со владини институции и други партнери на зајакнување на нивната координација, на човечките и институционалните капацитети и подобрување на конкурентноста на приватниот сектор, се со цел да се подобри севкупната економија.