Македонски Телеком доби престижна награда за проектот Паметен град (Smart City) од Светската алијанса за информациони технологии и услуги – WITSA, стои во соопштението.
Високото признание на светско ниво е врачено на свечена церемонија во рамките на Светскиот конгрес за информатичка технологија којшто се одржа во градот Бразилија, Бразил, од трети до петти октомври.
Наградата за проектот Паметен град на Македонски Телеком е добиена во категоријата Решение за оддржлив раст или Sustainable growth. Во оваа категорија беа номинирани решенија кои промовираат оддржлив економски раст, којшто се дефинира како способност за подобрување на финансиската и социјалната состојба во државата. Проектот Паметен град се номинираше за овогодишните WITSA награди, како едно од петте победнички решенија на локалниот натпревар којшто го организираше македонската ИКТ Комора – МАСИТ.
Со помош на иновативниот пристап на Македонски Телеком преку проектот Паметен град се имплементираше современ интегриран систем за автоматска локација на возилата и електронска наплата во јавниот градски превоз, со единствена централна база на податоци која овозможува следење во реално време на сообраќајната мрежа и движењето на патниците, како и контрола и регулација на транспортната услуга.
Станува збор за прв проект со којшто Македонски Телеком ја започна трансформацијата на Скопје во модерен и паметен град, по примерот на светските метрополи. На тој начин се унапреди квалитетот на јавниот сообраќај, обезбеден е побрз и поефикасен превоз за граѓаните и туристите во главниот град, зголемувајќи ја при тоа атрактивноста на јавниот превоз на долг рок. Паметен град не претставува само проект за подобрување на квалитетот на автобуски превоз, туку почеток на ера на Интернет на нештата во Македонија.
“Водени од нашиот иновативен дух ја трансформиравме нашата метропола во модерен и паметен град, следејќи го чекорот на големите светски метрополи. Македонски Телеком цврсто верува во новата, растечка ера на паметна поврзана технологија која што е во ставена во функција на модерниот град на живеење. Потенцијалите за паметен град се големи, а ние и натаму ќе бидеме фокусирани на ставање на модерната технологија во унапредување на нашето живеење. Затоа наградата добиена на Светскиoт конгрес WITSA претставува потврда дека се движиме во вистинска насока“, изјави Слободанка Jакимовска Јосифовиќ, директор на Сектор за дизајн и развој на ИКТ решенија и услуги во Македонски Телеком.
Светската алијанса за информатичка технологија и услуги (WITSA), водечки конзорциум на членовите на Здружението од ИКТ индустријата од над 80 земји ширум светот е основана во 1978 година. Членовите на WITSA претставуваат повеќе од 90% од светскиот ИКТ пазар. На WITSA конгресот, којшто се одржува на секои две години, се доделуваат ИКТ награди на организации кои што презентираат исклучителни ИТ достигнувања на глобално ниво. Во изминатите години, WITSA награди имаат добиено големи е – government проекти за унапредување на дигиталната вклученост и обезбедување на јавни услуги кон граѓаните. Меѓу нив е и политичката кампања на американскиот претседател Барак Обама за користење на web 2.0 технологии, проектот за национална e-government реформа во Тајпеј, воведувањето на интелигентно решение за јавниот транспорт во Сеул итн.