Македонски Телеком ја заокружи донацијата за поддршка на проектот на Владата “Компјутер за секој ученик“ со донација на електронски интерактивни табли кои ќе ги користат 66 училишта во Македонија. Донацијата е во износ од 165.000 евра, а вкупната донација на Македонски Телеком за овој проект за унапредување на образованието е во износ од три милиони евра. Станува збор за долгорочна донација, како по својата големина, така и по долгорочниот бенефит што ќе го има за идните генерации и се состои од: обезбедување на компјутерска мрежа во 93 училишта низ Македонија (2007/2008 година); обезбедување на компјутерска мрежа во студентски домови (2009/2010 година) и последната донација на интерактивни табли во 66 основни и средни училишта.
“Македонски Телеком има морална обврска, како една од најуспешните компании во земјава да врати, да вложи во општеството каде го постигнува успехот, а вложувањето во образованието на децата е вистински начин на вложување. Оваа донација ќе има видливи ефекти на долги патеки и ќе им користи на цели генерации на ученици. Станува збор за проект кој ќе направи вистинска разлика во унапредувањето на образованието на ниво на цела Македонија и ние, Македонски Телеком сме горди што сме дале придонес за тоа“, изјави Даниел Сас, Глaвниот извршен директор на Македонски Телеком.
“Интерактивните таблите можат во целост да го заменат класичниот начин на предавање со пишување на старите зелени табли и креди. Предноста на ова помагало во однос на класичните табли е што интерактивната табла може да функционира како компјутерски екран осетлив на допир. Интерактивни табли добија 66 училишта од цела држава, а обуката како да се работи со нив ја поминаа околу 130 наставници. Апелирам до сите наставници да ги користат овие табли, затоа што учениците полесно ќе ги совладуваат наставните содржини, со што ќе се подобри квалитетот и успехот на наставата“, изјави
Панче Кралев, Министерот за образование и наука.
Македонски Телеком се залага за поддршка и промоција на образованието и тоа преку проекти кои имаат долгорочен бенефит, со позитивно влијание на што поголема група на граѓани. Соработката со Министерството за образование и наука на проектот “Компјутер за секој ученик“ е доказ дека бизнис секторот во соработка со владините институции можат да направат вистинска разлика за унапредување на образованието, кој е еден од виталните столбови на општеството.