Македонски Телеком го менува Минималниот тарифен модел

55

Македонски Телеком АД – Скопје како давател на универзална услуга кој ги следи законските регулативи, ќе нуди изменет Минимален тарифен модел. Изменетиот модел корисникот ќе го добие за месечен надомест од 259,60 денари со вклучен ДДВ. Новиот Минимален тарифен модел нема да има лимит над кој повиците се поскапи, а месечниот надомест и останатите карактеристики остануваат непроменети.

Минималниот пакет ќе им биде достапен на оние претплатници, кои исполнуваат еден од утврдените критериуми, а по претходно доставен документ дека се: постари од 70 години, пензионери со примања до 10.000 денари, самохрани родители, семејство со повеќе од 3 деца, невработени (барем еден во семејството), како и семејство со ниски приходи.

За сите претплатници кои досега го користеа Минималниот тарифен модел, а не ги исполнуваат условите за да продолжат со негово користење, Македонски Телеком АД – Скопје, го нуди новиот тарифен модел, Call Mini. Месечниот надомест на новиот Call Mini тарифен модел ќе изнесува 319,00 денари со вклучен ДДВ.

И двата тарифни модели се наменети за приватни корисници и се достапни на телефонска линија со 1 говорен канал со договор на неопределено време.

Сите корисници кои не ги исполнуваат условите за користење на модифицираниот минимален тарифен модел, ќе треба најкасно до 31.01.2013 година да мигрираат на некој од постојните тарифни модели или во новиот  Call Mini. По истекот на овој период Македонски Телеком овие корисници ќе ги префрли по службена должност во новиот тарифен модел Call Mini.

Повеќе информации корисниците ќе можат да добијат во некој од Телеком продажните салони или на бесплатниот број 171.