Македонски Телеком и Т-Мобиле лидери на пазарот и во третиот квартал на 2012

36

Македонски Телеком АД-Скопје и Т-Мобиле Македонија ја задржаа водечката позиција на пазарот и во третиот квартал на 2012 година и покрај силното пазарно опкружување, покажуваат консолидираните финансиски резултати за третиот квартал од 2012 година, согласно Меѓународните стандарди за финансиско известување (МСФИ). Продолжува трендот на зголемување на интернет и IPTV  сегментот, а се намалуваат приходите од говорните услуги.

Македонски Телеком останува лидер на пазарот со пазарен удел од 73% во фиксната телефонија и 54% во делот на широкопојасен интернет, според интерните процени. Приходите од интернет и дигитална телевизија преку интернет протокол (IPTV) се зголемија за 3,0% во споредба со третиот квартал од минатата година. Фокусот на double и triple play пакетите резултираше во зголемен број на DSL корисници за 6,1% со што корисничката база на DSL достигна 167 илјади корисници на крајот од септември 2012 година. Забележителен е и голем пораст на IPTV корисници кој во споредба со септември 2011 година е поголем за 63,9% со што бројот на корисници на крајот на септември 2012 година изнесува 58.000. И покрај тоа што приходите од говорните услуги во фиксниот сегмент се намалија за 7,6% во споредба со истиот квартал од изминатата година, со 294.000 корисници на крајот од септември 2012 година, Македонски Телеком ја задржа својата водечка позиција.

Нето добивката за третиот квартал од 2012 година на ниво на Групација е зголемена за 21,9% во споредба со ланската година како резултат на зголемените останати оперативни приходи и расходи поради трансакцијата за купопродажба на недвижности со размена, што резултираше во нето добивка од 1,88 милијарди денари за кварталот и нето добивка од 3,65 милијарди денари за првите девет месеци од 2012 година.

„Нашата стратегија за развој на сегментите на конвергирани услуги, интернет, IPTV покажа дека се движиме во вистинскиот правец. Но, решени сме да го подобриме и работењето во сегментот на говорните услуги затоа што постои простор за подобрување. Во наредниот период ќе се фокусираме на инвестиции во мрежата, што ќе овозможи услуги од новата генерација. Ќе продолжиме со фокусот на double и triple play понудата, широкопојасните услуги, проширување на оптичката мрежа, но и збогатување на содржините на IPTV услугата. Голем успех е да останеш лидер на пазарот во високо конкурентна средина, со постојан пад на цените а да го задржиш квалитетот на услугата, а нашиот план е токму тоа“, изјави Даниел Сас, главен извршен директор на Македонски Телеком АД-Скопје и претседател на Одборот на директори на Т-Мобиле Македонија.

Интензивниот пад на цените на пазарот на мобилната телефонија предизвика намалување на приходите и во третиот квартал на 2012 година. Но и покрај силното конкурентно опкружување, T-Mobilе Македонија останува лидер на пазарот на мобилната телефонија со 1.227 илјади корисници на крајот на септември 2012, односно 47,8% удел на пазарот според интерните процени.

„Нашите корисници ќе продолжат да го добиваат најдоброто за нивните пари, и покрај падот на цените кој влијае на квалитетот на услугата, ние Т-Мобиле планираме да ја задржиме водечката позиција. Продолжуваме со фокусот за развој на мобилниот интернет и проширување на портфолиото на паметни телефони како и нови бизнис платформи. Квалитетот на мрежата останува срцето на нашиот бизнис и основа на квалитетот на услугите, затоа, планираме големи инвестиции во мрежата – неодамна завршивме со проект со кој мрежата на T-Mobile има 4 пати поголем капацитет и спремни сме за новите предизвици, но и за подобрување на работата во одредени сегменти, каде забележуваме пад на приходите“, изјави Жарко Луковски, главен извршен директор на T-Мobile Македонија.