Седумдесет македонски фармери од денеска до сабота ќе го посетат земјоделскиот саем во Истанбул, Труција во организација на Федерацијата на фармери на Република Македонија и ТУЈАП ФЕРС.
Во рамките на саемската манифестација опфатени се два саема и тоа 8-от Меѓународен саем за земјоделие и механизација – AGRO EURASIA FAIR 2014 и 4-от Меѓународен саем за сточарство и опрема, живинарство и млечна индустрија EURASIA STOCK BREEDING 2014 .
На саемот ќе биде презентирана земјоделска механизација и технологија, пластеници, производство на зеленчук, стакленици и нивна технологија за изградба, резервни делови за трактори, опрема за лозарство, опрема за берење на маслинки, систем за наводнување, земјоделски лекови, семе и саден материјал, цвеќарство, еколошко земјоделие, агро информатика, млеко и млечни производи, пестициди, вештачки ѓубрива и хранливи материи за растенија, пчеларство, сточарство, превентивна медицина за животни, технологија за молзење и живинарство.