Македонските аеродроми со зголемен број на патници

38

Skopje_Alexander_the_Great_AirportВо првите шест месеци од годинава на аеродромите во Македонија е регистрирано зголемување на бројот на превезени патници, споредено со истиот период во 2012 година.

Во истиот период на аеродромот Александар Велики во Скопје се регистрирани 443.601 патници на терминалот, што претставува 18,7% повеќе од минатата година, кога биле регистрирани 373.692 патници. Зголемен е и бројот на движења на воздухоплови за 8,7%, а забележано е и зголемување на обемот на карго и поштенски сообраќај за 12,7% во однос на истиот период од шест месеци минатата година.

Што се однесува  на застапеност на дестинациите, 19,2% од вкупниот број на патници во овие шест месеци патувале до Истанбул, 10,6% до Цирих, 10,4% до Виена, 6,5% до Лондон, 5,6% до Љубљана, 5,1% до Базел, 5% до Загреб, а помалку од 5% до дестинациите Малме, Белград, Дортмунд, Минхен, Ајндховен, Дизелдорф, Милано, Дубаи и други.

Забележан раст и на бројот на патници на аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, каде во првото полугодие од 2013 година имало 25.405 патници на терминалот, што претставува 5,4% повеќе од 24.114 патници кои биле регистрирани во истиот временски интервал минатата година.

Споредено со минатата година на овој аеродром, во дадениот период, исто така е забележан пораст и во бројот на движења на воздухоплови за 8,9%, како и зголемување на обемот на карго и поштенски сообраќај за 72,1%.