Македонските граѓани сметаат дека 2021 година ќе биде подобра од оваа

167

Според истражувањето на БРИМА, македонските граѓани сметаат дека 2021 година ќе биде подобра од оваа, но не се оптимисти во однос на економскиот просперитет.

Според анкетата спроведена од први до деветти декември 2020 година на 504 лица постари од 18 години, граѓаните се релативно среќни или 29% одговориле дека се чувствуваат среќно, 38% дека се ниту среќни ниту несреќни, а 32% се чувствуваат несреќно.

Глобалниот индекс на надеж во глобални рамки изнесува +19%, а во земјава +24%. Индексот на среќа, пак, на светско ниво е +40 отсто, а во Северна Македонија -3%.

На прашањето “Дали сметате дека 2021 година ќе биде подобра, полоша или иста со 2020 година, повеќе од двајца од пет анкетирани на глобално ниво (43%) одговориле дека следните дванаесет месеци ќе бидат подобри од претходните, 24% сметаат дека ќе биде полошо и 26% дека ќе остане исто. Во земјава скоро двојно повеќе анкетирани очекуваат дека 2021 година ќе биде подобра (50%) во однос на оние кои очекуваат дека ќе биде полоша (26%), 22% сметаат дека ќе биде иста и три проценти не знаат.

На прашањето “Дали во споредба со оваа година, следната ќе биде година на економски просперитет, економски потешкотии или ќе остане иста за нашата земја”, во Северна Македонија повеќе од половина анкетирани рекле дека 2021 година ќе биде година на економски потешкотии (52%), наспроти 28% кои сметаат дека ќе биде година на економски просперитет, додека 18% очекуваат дека ќе биде иста како и претходната, пренесува МИА.

На глобално ниво, скоро половината анкетирани граѓани очекуваат дека 2021 година ќе биде година со економски потешкотии (46%), 25% очекуваат дека ќе биде година на економски просперитет и близу на тоа сметаат дека ќе биде иста како и претходната (24%).

“Сликата за економскиот просперитет на глобално ниво е под силно влијание на одговорите на граѓаните од ЕУ кај кој изразито доминира песимизмот. Ваквите одговори се должат на фактот дека пандемијата во многу земји на ЕУ не покажува знаци дека е под контрола. Вкупно 63% сметаат дека следната година ќе биде година на економски потешкотии“, оценува БРИМА.

Во однос на Индексот на среќа и прашањето “Дали, општо земено, лично се чувствувате многу среќно, среќно, ниту среќно ниту несреќно, несреќно или многу несреќно во животот?”, на глобално ниво и покрај економскиот песимизам, среќата доминира. Вкупно 54% од светската популација се опишува себеси како среќна (многу среќни 13% + среќни 41%), a 14% како несреќна (несреќни 10% + многу несреќни 4%).

Годишниот глобален извештај на Gallup International Association на тема “Очекувањата на граѓаните на светот за 2021 година” беше спроведен во повеќе од 40 земји при што беа анкетирани повеќе од 38.000 граѓани во светот. Генералниот заклучок е дека ако 2020-та ќе биде запаметена како година на пандемија и карантин, светската популација е пооптимистична за 2021 година.

Северна Македонија беше дел од ова истражување што го спроведе истражувачката агенција БРИМА, членка на Gallup International.

Фото: Freepik