Македонските компании под европскиот просек во користење интернет

19

Деловните субјекти во Македонија се под европскиот просек во однос на користењето интернет, беше констатирано на денешната прес-конференција во Стопанската комора.

Македонија е на незавидно место и во споредба со земјите од регионот, под неа се само БиХ, Косово и Албанија, а засега само три компании се регистрирани и овозможуваат он-лајн продажба.

Поради тоа од Комората апелираат, ИКТ компаниите во земјава максимално да ги користат сите услуги, проекти и иницијативи за развој на секторот, особено владиниот повик за ангажирање странски експерти од областа.

“Анализите покажуваат дека некои сектори, финансиите, банкарството и осигурувањето, го надминуваат просекот во ЕУ кога станува збор за примената на ИКТ, но останатите, особено преработувачката индустрија, далеку заостанува”, истакна Лазо Ангелевски од Стопанската комора.

Според него, компаниите што се занимаваат со оваа дејност, се непознати и недоволно промовирани, нема регулатива или не е усогласена со меѓународната, но ситуацијата сепак ја комплицира и менталитетот.

“Нашите луѓе многу почесто купуваат преку пријатели во странство, така чувствуваат поголема сигурност, наместо да ги користат интернет опциите”, нагласи Ангелевски.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во јануари годинава пристап до интернет преку фиксна и мобилна конекција имале 91,5% од компаниите со десет или помалку вработени. Употребата на социјалните мрежи, блоговите и порталите била застапена кај 36,2% од бизнисот.

Агендата на ЕУ е до 2020 година во ИКТ секторот да се вложат 11 милијарди евра, а до 2015-та да се зголеми редовното користење интернет на 75% и да се сведат на нула разликите меѓу роаминг и националните тарифи. Целта е воедно да се преполови и населението кое никогаш не користело интернет, од 30% на 15%.