Македонските текстилни компании ги исполнуваат пропишаните европски стандарди

59

tekstilni-rabotnici Македонија ги има прифатено речиси сите европски стандарди кои се однесуваат на текстилот. Македонските текстилни компании ги исполнуваат пропишаните европски стандарди, што се прифатени и во Македонија, но се бара поголема контрола на облеката што доаѓа од увоз.
Ова беше посочено на работилницата на тема Регулатива и стандарди за забранети супстанци во текстилот и кожата и нивните производи, во организација на Институтот за стандардизација на Република Македонија.
Целта, според директорот на Институтот за стандардизација, Љупчо Давчев, е македонските производители и увозници да ја зголемат свесноста од употреба на европските стандарди усвоени како македонски и со тоа да го заштитат здравјето на граѓаните, на околината.
Давчев посочи дека во Европската Унија жителите најмногу се жалат токму на исполнување на овие стандарди во текстилот.
„На прво место, со 34% од вкупните поплаки во ЕУ, се за текстилните производи, а на второ место со 15% се играчките“, рече Давчев.
Во Македонија, како што рече, усвоени се 99,5%, односно 640 европски стандарди како македонски.
Наташа Сивевска, извршен директор на Текстилниот кластер, посочи дека текстилните производи во Македонија ги исполнуваат пропишаните стандарди и во однос на квалитетот и во однос на заштита на луѓето и околината, но бараат поголема контрола на она што влегува од увоз.
Бараат надлежните институции контролата да ја вршат при увозот, а не кога производите ќе стасаат во продажните места.
„Институциите да земаат мостри при увоз и да се изврши испитување во независни лаборатории кои ќе гарантираат за квалитетот. Треба повеќе инвестиции во лаборатории и тие да се сертифицираат“, рече Сивевска.

Таа истакна дека кај увозната облека има проблем со присуство на штетни хемикалии, особено во производите од Далечниот исток и Кина.
Меѓу штетните хемикалии кои може да предизвикаат алергиски реакции, па се до содржење канцерогени својства, ги напомена формал дехидите, азобоите, детергентите или хемикалиите во делот на омекнувањето и боењето, потоа хлорот кој се користи за белење.
Најави дека македонските текстилни компании настојуваат да го зголемат учеството на македонскиот пазар. Само 5% од вкупното производство оди на домашниот пазар.
На работилницата беше истакнато дека Белгија ги применува стандардите и дека постојано се проширува листата на материи кои се штетни, а во Полска имаат регулатива за идентификација на штетните материи, но оти не е отидено многу напред во насока на заштита на потрошувачите.