Македонските вина претставени во Канада

52

На традиционалниот меѓународен вински фестивал Gourmet food & Wine Expo во Торонто, Канада, кој што се одржа викендов, беа претставени македонски вина од винаријата Далвина.

На отварањето на винскиот фестивал беше присутен генералниот конзул на Република Македонија во Торонто Драган Ѓурчевски и економскиот промотор Ирена Георгиевска.

“Координираниот настап и поддршката од јавниот сектор ќе придонесе за значително зголемување на македонските вина на канадскиот пазар. Целта на овие настани е да се промовира имиџот на Македонија како земја на виното. Во иднина гледам голем потенцијал на нашите вина за освојување на овој пазар”, рече генералниот конзул, Драган Ѓурчевски.

Во рамки на фестивалот беше организирана и специјална вечер на која беа презентирани осум вина, меѓу кои се најде и македонското вино Синтезис на винаријата Далвина од Македонија. Ова македонско вино беше презентирано од еден од најпознатите светски сомелиери, Џон Сабо.

Повеќе од 40.000 љубители и професионални познавачи на доброто вино во Канада, како и големите канадски дистрибутери, увозници на вино и вински критичари имаат можност да дегустираат повеќе од 1.500 различни вина и други алхохолни пијалоци од производители ширум светот.

Меѓународниот фестивал Gourmet food & Wine Expo се вбројува во еден од најголемите и најпрестижни настани од ваков тип на северно-американскиот континент.