Северна Македонија да стане регионален акцелератор за старт – ап, а во поранешното Македонско село младите претприемачи од земјава и странство да имаат можност да отворат сопствен бизнис без да плаќаат режиски трошоци, се дел од плановите што Владата најавува дека ќе ги реализира во следниот четиригодишен мандат, пренесува МИА.
Плановите се со воведувањето на акцелераторот во рок од шест месеци од објавата на првиот повик, да се прошири опфатот на апликанти и на земјите од Западен Балкан, а со соодветни критериуми за аплицирање, да се стимулира поврзувањето на бизнис идеите од повеќе земји од регионот и да се прошири стартниот пазар од два на 17 милиони потрошувачи.
Како модел за реализација на програмата и следење на проектите ќе се користи постојниот модел на поддршка на стартапите и акцелераторите, кој беше применет во изминативе две години.
Со цел да се поттикне претприемачкиот и иновативниот дух кај младите, Владата планира искуството од идејата Македонско село да прерасне во Старт ап село да се примени и во пет градови низ државата со можност за coworking на посебни државни локации.
Најавите од новиот владин состав се во следниот четиригодишен период да продолжи и инвестирањето во научно-технолошкиот парк за кој активностите почнаа во март 2019 година со цел тој да биде целосно функционален во 2025 година. Проценетата вредност на инвестициите во физичка инфраструктура, според Студијата за изводливост подготвена од експерти од ЕК, реализирана за потребите на Фондот, изнесува околу 80 милиони евра. Во него се веќе пилотирани програмите дигитализација на општеството и трансфер на технологии. Изработен е и идеен проект за нов простор за старт-ап компании што треба да се реализира во текот на оваа година.
Фото: Freepik