Макпетрол одново се закани со прекин на испорака на енергенси за Топлификација

42

Макпетрол повторно се закани дека ќе ја прекине испораката на мазут и природен гас за Топлификација, доколку не биде подмирен нивниот долг кој изнесува 191,5 милиони денари

Претседателот на Управниот одбор на Макпетрол, Андреја Јосифовски лично ја упати заканата на вчерашната прес-конференција организирана по повод прославата на 65-годишното постоење на Макпетрол.
“Нашето трпение е при крај и ќе испорачуваме до петок. Доколку во петок не биде исплатен долгот на Топлификација минимум од три милиони евра ќе ги стопираме понатамошните испораки”, рече Јосифовски.

Според Јосифовски, доколку не се надмине проблемот последиците би биле катастрофални не само за потрошувачите на топлинска енергија, туку и за целото стопанство.

“Ако Макпетрол дозволи да се доведе во ситуација да не може да го плати гасот кон рускиот испорачател или мазутот кон рафинеријата Окта, ќе падне гаранцијата која ја имаме дадено за двомесечна потрошувачка на природен гас и сигурно дека ќе бидат стопирани сите понатамошни испораки на гас. Во колатерална штета ќе биде не само Макпетрол, туку и сите останати корисници на природен гас во Македонија”, изјави Јосифовски.

Според неговите пресметки, Топлификација дневно има нарачки од околу 300.000 евра, а плаќа само по 200.000 евра.

Постои и друга опција за да се надмине овој проблем, а тоа е одложено плаќање на 30 дена, но како што појасни Јосифовски за тоа е потребна банкарска гаранција која во моментот Топлификација не може да ја обезбеди.

Макпетрол преку писмено соопштение пред околу еден месец се закани дека ќе ја прекине испораката на мазут за Топлификација, но спорот беше тогаш решен, барем привремено. Тогашниот долг на топлификација изнесуваше 1,7 милиони евра.