Макстил ќе засадува дрвја на територијата на Општина Гази Баба, првите се засадени во кругот на училиштето „Григор Прличев“

42

Со засадување дрвја во кругот на основното училиште „Григор Прличев“, Макстил започна широка акција за раззеленување на повеќе локации во општината Гази Баба, како дел од долгорочната определба и грижа на компанијата за животната средина, за локалното население и за подобрување на квалитетот на воздухот. Во денешната акција во дворот на основно училиште „Григор Прличев“ во населбата Железара, генералниот директор на Макстил и претставници на компанијата, заедно со градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, како и претставници на училиштето, засадија 50 садници од кои 10 листопадни развиени дрвја бреза, јапонска цреша, каталпа и јавор и 40 ниски џбунести растенија.

Засадувањето дрвја во ова училиште претставува почеток на сеопфатна акција за зголемување на зелените површини во општината со што компанијата директно ќе придонесе за подобрување на квалитетот на воздухот на долг период и зголемување на еколошката свест.

“Акцијата за раззеленување на општината и засадување на што повеќе садници е дел од нашиот ангажиран и одговорен однос кон општината и пошироката општествена заедница. Со нашата иницијатива за зголемување на зелените површини, сакаме да придонесеме за еколошки почиста животна средина и поквалитетен амбиентален воздух. Силно веруваме дека токму училиштата  и локалната заедница во којашто делуваме се вистинското место каде што како компанија треба да го насочуваме своето внимание и да влијаеме на создавање на еколошка свест кај младата популација уште од најрана возраст. Се надеваме дека со оваа наша иницијатива ќе поттикнеме и други јавни и стопански субјекти да придонесат за уште повеќе еколошки чисти и зелени населби”, истакна Иван Бановски, генерален директор на Макстил.

“Денес, Општина Гази Баба во соработка со компанијата Макстил започнува акција за засадување на 130 декоративни дрвја на повеќе локации низ општината, а истата е дел од големиот проект за Зелена Гази Баба кој ќе се спроведува во континуитет следните четири години. Садниците, што денес се засадуваат, се донација од Макстил со што компанијата се дефинира како општествено одговорна и која се грижи за средината каде што функционира. Унапредувањето и заштитата на животната средина се врвен приоритет за Општина Гази Баба. Наша заедничка цел е во следните четири години да засадиме 500 000 садници на територија на Општина Гази Баба и верувам дека во тоа ќе успееме”, изјави градоначалникот Бобан Стефковски.

Составен дел од планот на Макстил за раззеленување, каде исто така ќе засадуваат садници се повеќе локации, меѓу кои археолошкото наоѓалиште Тумба Маџари, Неолитско село, населба Ченто каде ќе бидат засадени 5 големи дрвја од видот врба, бреза или бел бор, во Паркот на 12те Апостоли и Меморијалниот парк на Горан Стоименовиќ, населено место Инџиково, ќе бидат засадени 5 големи разгранети дрвја, декоративна слива или јапонска цреша и дворот на основното училиште Стив Наумов, населба Автокоманда со 5 разгранети дрвја, декоративна слива или јапонска цреша и 60 ниски џбунести растенија. Изборот на локациите и видот на садниците е направен во согласност со општинските власти.