Мал број, големо влијание: Колку странски компании има во ЕУ

Само еден процент од компаниите што работат на пазарот на Европската Унија во 2023 година биле контролирани од странски сопственици. Повеќе од половина – 60 проценти – биле контролирани од матични компании или институции од други земји од ЕУ, додека 40 проценти биле контролирани од компании и институции надвор од земјите-членки на ЕУ, објави Евростат.

Во Луксембург, компаниите контролирани од странство сочинуваат 28 проценти од сите компании, што е најголем удел меѓу земјите од ЕУ.

Естонија следи со 11 проценти.

Во сите други земји од ЕУ, според Евростат, претпријатијата контролирани од странство претставувале пет проценти или помалку од сите претпријатија, со удел што се движи од 0,3 проценти во Полска и Италија до пет проценти во Хрватска.

„Иако нивниот број е мал, придонесот на претпријатијата контролирани од странство во економијата на ЕУ во однос на вработувањето и, особено, додадената вредност е значаен“, истакнува Евростат.

Според официјалната европска статистика, овие компании вработуваат 16 проценти од сите вработени во Европската Унија и заедно генерираат речиси една четвртина од вкупната додадена вредност во економијата на ЕУ, односно придонесуваат со 24 проценти во БДП.

Меѓу земјите од ЕУ, додадената вредност на претпријатијата контролирани од странство беше највисока во Ирска (71%), Луксембург (61%) и Словачка (50%).

Спротивно на тоа, најмал удел на додадена вредност е забележан во Франција (15%), Италија (17%) и Грција и Германија (по 18%).

„Кога станува збор за вработени и самовработени лица, претпријатијата контролирани од странство учествуваа со 45 проценти од работните места во Луксембург и 28 проценти во Словачка и Чешка. Спротивно на тоа, тие учествуваа со 10 проценти од работните места или помалку во Грција (8%), Кипар и Италија (по 10%)“, соопшти Евростат.