Малите претпријатија од регионот и пркосат на економската криза

44

Во малиот град Горажде во источна Босна и Херцеговина (БиХ) работниците во една скромна фабрика се спротивставуваат на пречките.

Фабриката Бекто Прециза, е основана во 2005 година со само 10 вработени. Сега во неа работат над 350 лица, а неодамна таа потпиша договор со германскиот производител на автомобили Порше, со што ќе стане првата компанија надвор од Германија која ќе произведува делови за луксузната автомобилска линија од неговото основање во 1931 година.

Производството на сè, од автомобилски делови до луксузни приколки и чизми, примерите на експанзија на малите и средните претпријатија растат на Балканот.

Многу експерти веруваат дека ваквите фирми се најдобро решение за економската криза што зафати многу економии, ослабнувајќи ги големите фирми и истовремено оставајќи илјадници луѓе без работа.

„Треба да сфатиме дека нашите фабрики, во кои беа вработени 10.000 луѓе, веќе ги нема“, изјави Бошко Томиќ, член на Парламентарната комисија за економски реформи и развој на БиХ за SETimes.

„Иднината на развојот е во малите и средни претпријатија. Премногу се занимаваме со политиката. Фокусот на политичарите треба да биде економијата, бидејќи постои начин за излез од кризата“, рече тој. „Ние треба да обезбедиме поволни услови за бизнис, да ги укинеме царинските и административните бариери, да ги ослабнеме увозните лоби групи, да и помогнеме на локалната економија“.

Фабриката Бекто Прециза има договори со БМВ, Мерцедес, Тојота и Ламборџини, како и нов договор со Порше. Над 90% од нејзините производи се извезуваат.

„Стручниот кадар и современата технологија се многу важни за да се успее на пазарот денес“, за SETimes изјави Сања Мухиќ, шеф на одделот за купување и продажба на Бекто Прециза. „Покрај тоа, производот мора да биде од висок квалитет, цената мора да биде прифатлива и рокот за изработка на производот мора да се почитува. Ова е рецептот за успех со кој клиентите ќе бидат задоволни“.

Во Долни Михољац, мал град во северна Хрватска, фирмата Европласт беше отворена пред седум години. Денес таа ги извезува своите производи во Обединетите Арапски Емирати.

Тој рече дека бизнисот се шири година по година. Во моментов фирмата има околу 40 вработени, но Банда проценува дека до крајот на годината тој ќе треба да вработи уште 10 лица.

„Покрај производството на камиони и делови, мојата фирма, исто така, произведува луксузни приколки за коњи. Тоа се луксузни приколки, кои се целосно опремени за транспорт на коњи, а луѓето обично ги купуваат за полициските и расните коњи. Тоа се најскапите приколки во Европа. Покрај ОАЕ, ние ги извезуваме и во Финска, Швајцарија, Холандија и Германија “, изјави за SETimes сопственикот на Европласт, Предраг Банда.

Меѓутоа, владите во регионот им даваат мала до речиси никаква помош на фирмите.

Светлана Цениќ, поранешен министер за финансии на РС, вели дека се уште постојат големи бариери за водење бизнис и производство во БиХ и на Балканот.

„Властите најверојатно мислат дека ако има три фирми кои се успешни, нивната работа тука е завршена. Се уште постојат огромни административни бариери кои го попречуваат добриот бизнис. Влијанието на политиката е несомнена, бидејќи се работи за пари“, изјави Цениќ за SETimes.

Бема, мала фабрика за чевли во Бања Лука, стана позната пред две години откако донираше чизми за чилеанските рудари кои беа заробени под земја речиси три месеци. Фабриката, која сега има над 750 работници во своите две фабрики, една во Бања Лука и една во Мркоњиќ Град, извезува производи во вредност од над 5 милиони евра.

Пред околу девет месеци, една фабрика која произведува апарати за уништување на медицински отпад беше отворена во општината Книќ во централна Србија. Фабриката Шарпс Терминатор е единствена од ваков вид.

Претставници на фирмата велат дека уредот го произведуваат српски и американски инженери, а годишниот извоз од фабриката ќе биде околу 93 милиони евра.

Работниците во успешните фабрики велат дека чувствуваат поголема безбедност за нивната иднина. Драга Лидовиќ, 43, вработена во Бема, вели дека условите за работа се добри и платите никогаш не доцнат.

„Кога имате сигурен приход, тогаш имате волја и желба за работа. Мислам дека тоа е рецепт за успех. Знам многу луѓе кои не земаат плата со години и одат на работа секој ден“, изјави Лидовиќ за SETimes.

Дражен Ремиковиќ за Southeast European Times во Сараево — 10.09.12