Мапа на вработеност на Западен Балкан за следење на последиците од Ковид-19

38

Советот за регионална соработка од петокот има Мапа за вработеност на Западен Балкан, на која се следат последиците од пандемијата на коронавирус на пазарите на труд во регионот.

Мапата покажува дека на почетокот на кризата, во март 2020 година, бројот на пријавени невработени на Западен Балкан изнесувал 1,22 милиони и до ноември е зголемен на речиси 1,4 милиони. Тоа претставува раст за 14,5% во текот на девет месеци.

“И покрај разликите меѓу економиите на земјите од регионот, јасно е дека работните места се тешко погодени, а Ковид-19 ги зајакнал структурните предизвици на пазарите на труд на Западен Балкан“, истакна генералната секретарка на Советот, Мајлинда Брегу.

Таа нагласи дека подеднакво е важно тоа што бројките не ги опфаќаат загубите во бројот на работни часови и плати, ниту целосно ги одразуваат промените во неформалниот сектор и нивоата на активности кои се важни за сите земји на Западен Балкан.

“Дури и кога денес последиците би се поништиле и вратиле на состојбата пред коронавирусот, повторно би биле во неповолна положба со вработувањето во неформалниот сектор, кое според проценките се движи од 18 до дури 30 % во економиите на Западен Балкан, со ниска стапка на вработеност на младите, висока стапка на неактивности, нерамноправности“, укажува Брегу.

Брегу истакна дека пред пандемијата речиси две третини од работоспособните жени на Западен Балкан биле невработени или на друг начин надвор од работната сила, а женската работна сила изнесува околу 45% од вкупната.

Последиците се: намалување на човечки капитал, недостиг на работна сила и вештини, намален капацитет за иновации и усвојување на напредни технологии, измени во пазарот на труд, намалување на потрошувачката и слабеење на пазарот, намален економски раст и продуктивност, зголемени трошоци на јавните услуги и намалено вложување во создавање на човечкиот капитал.

Мапата на вработеност на Западен Балкан која ја подготви Советот преку проектот Платформа за вработување и социјални прашања 2 е прва онлајн платформа која ги обединува и претставува податоците за пазарите на труд, собрани од официјални извори на шест економии на Западен Балкан врз месечна, квартална и годишна основа.

Фото: Freepik