Mara – први смартфони произведени во Африка

20

Mara Group, компанија од Руанда, Африка, претстави два смартфони коишто се и први вакви уреди во целост изработени на континентот.

Mara X и Mara Z го користат оперативниот систем на Google, Android, а нивната цена е 190, односно 130 долари.

Смартфоните, според компанијата, се првенствено наменети за оние купувачи кои се подготвени да платат повеќе кога станува збор за квалитет, пишува Reuters.

Тие ќе се “натпреваруваат“ со евтините модели од Samsung што чинат 54 долари и небрендираните смартфони чијашто цена изнесува 37 долари.

Според извршниот директор на Mara Group, Ашиш Такар, целта на овие смартфони е да се зголеми користењето на паметните телефони во Руанда, коешто моментално е 15%, и земјата да стане водечки технолошки хаб во Африка.

Како што потенцира тој, компании во Египет, Етиопија, Алжир и Јужна Африка спојуваат делови од телефони, но компонентите се увезени од странство.

“Во Mara смартфоните има повеќе од 1.000 делови, но сите се од домашно производство“, вели Такар.

Компанијата вреди 24 милиони долари, а дневно прави 1.200 телефони.

Фото: Mara Phones